Словенечката влада поднесува предлог до Европската Унија за да се забрза процесот на проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан, во контекст на кандидатскиот статус за Украина и Молдавија кој минатата недела беше препорачан од Европската комисија.
Ова, како што јави дописничката на МИА од Брисел, утрово го потврди новата министерка за надворешни работи на Словенија Тања Фајон, која изјави дека Словенија го поддржува кандидатскиот статус за Украина и Молдавија, но оти не смее да се заборави Западниот Балкан во тој процес, за политиката на проширување на ЕУ да остане кредибилна.
Шефицата на словенечката дипломатија предупреди дека процесот на проширување е доведен под прашање и дека ги поддржува сите напори за Северна Македонија, Албанија, Косово и БиХ.