ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Случајот „Империја“ против Мијалков и Камчев заглави во економско вештачење

Економско вештачење во предметот „Империја“, кој го урна Специјалното обвинителство, го проби првиот рок кој си го зададе самото Обвинителството за организиран криминал на Вилма Русковска. Овој случај е во нејзини раце откако згасна СЈО. Најавите за вештачење во „Империја“, за кој СЈО имаше сомнежи дека се испрани преку 10 милиони евра, Обвинителството за организиран криминал ги најави уште лани летото. Државниот обвинител Љубомир Јовевски пред Нова Година рече дека вештачењето е во тек, додека Русковска оптимистички лани во декември најави дека најрано вештачењето може да заврши до средината на минатиот месец. Прашавме денеска, 15 дена по тој рок, дали вештачењето е готово? Еве што ни одговорија:

„Документацијата од предметот за кој покажувате интерес како што веќе информиравме е предадена на вештачење. Со оглед на обемноста на истата, потребен е подолг временски период за вештачење, па согласно тоа во моментов не може да се говори за донесување на конкретен акт од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со овој предмет“одговорија од Обвинителство за организиран криминал и корупција.

Колку време е потребно, обвинителството не кажува. Згаснатото СЈО за овој случај подготви одредени економски анализи, околу висината на евентуалната штета од перење пари и измама. Обвинителството за организиран криминал најави дека паралелно со економското вештачење, ќе сослушаат и сведоци. Но, ниту за ова сега не се дава одговор дали некој дополнително е викнат да даде исказ. Овој случај расформираното СЈО го отвори во ноември 2018 – та година. Во притвор завршија Сашо Мијалков и Орце Камчев. Но, потоа следуваше аферата „Рекет“. Камчев обвини дека Катица Јанева и шоуменот Бојан Јовановски му изнудиле над еден милион евра за да го спасат од кривична одговорност. Јанева и Боки 13 завршија во затвор, а „Империја“ остана заглавена во фаза на економско вештачење.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button