ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Случајот „Ласкарци“ фаќа пајажина, со месеци чека вештачење

Случајот „Ласкарци“ фаќа пајажина, со месеци чека вештачење

Полвина година се прави супер – вештачење за тоа како настана несреќата со автобусот на „Дурмо Турс“ во февруари 2019 година кај селото Ласкарци во која загинаа 16 патници.

Со таа експертиза, случајот би требало да добие правна разврска и да се лоцира одговорноста. Во скопскиот Кривичен суд цел месец се најавува дека ќе пристигне супер – вештачењето за случајот. Него го побара судот откако обвинителството и одбраната презентираа различни експертизи, односно дури три различни верзии.

За 5 јули е закажано ново рочиште, но дотогаш не се знае дали ќе пристигне експертизата.

„Штом ќе биде доставено, ќе биде изведено пред странките во постапката на главна расправа, а со тоа ќе заврши доказната постапка за случајот и ќе бидат закажани завршните зборови“, соопштија од Кривичен суд – Скопје.

Го контактиравме и носителот на супер – вештачењето, Дамјан Мирчевски, кој во телефонски разговор ни рече дека тоа е при крај. Но, не кажа детали околу експертизата, ниту кога таа ќе биде готова.

Супер – вештачењето уште лани во декември го побара Кривичниот суд од Бирото за судски вештачења, како последна институција надлежна за вештачења, откако судот беше одбиен од три факултета со образложение дека немаат доволно вештаци за да ја направат таа анализа.

Но, судскиот случај „Ласкарци“ може дополнително да се пролонгира откако ќе пристигне експертизата. Причина за евентуално пролонгирање на процесот се поминати повеќе од 90 дена за неодржано судење, што Законот за кривична постапка налага судскиот процес да се врати на самиот почеток.

На 13 февруари 2019 година на автопатот Скопје – Тетово, автобусот на „Дурмо Турс излета од автопатот и се преврте. Загинаа 16 патници, а 37 беа повредени.

Во случајот се обвинети газдата на Дурмо турс, возачот на автобусот и вработени во техничкиот центар каде автобусот ја поминал контролата, а кој бил во сопственост на истиот газда./Alsat.mk

Новинар: Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button