ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Слупчане не попушта, во Арачиново денеска се завршува постапувањето на ЕВН за кражбите на струја да паднат на 10 отсто

Во кумановско Слупчане колективниот отпор за влез на екипите од ЕВН во селото трае, а за компанијата, Арачиново е успешна приказна, каде што се модернизирала целата мрежа. Од ЕВН посочуваат дека имаат и индивидуални отпори при постапување на нивните вработени, а овие како во Слупчане се ретки. Посочуваат дека сите вакви ситуации успешно ги надминуваат. На речиси сите локации на кои има отпор има и кражби на струја.

„Индивидуалните кражби секогаш се утврдуваат на терен, односно на самото место и се пријавуваат во МВР“, велат од ЕВН за „Макфакс“, а на прашањето дали имаат асистенција од полицијата во Слупчане, тие додаваат: „Континуирано го известуваме МВР и добиваме одлична поддршка. Министерот е лично ангажиран за брзо изнаоѓање решенија во вакви ситуации“.

Во скопско Арачиново екипите на ЕВН веќе работат на модернизација на мрежата. И во ова место имаше организирани жители, кои не пуштаа претставници на селото да влезат и да дојдат до системот за напојување.

„Во моментот нема проблеми. Имаме одлична поддршка од градоначалникот и од сите надлежни институции. Денеска, го завршуваме проектот во целото село и набргу ќе излеземе со подетаљна информација за оваа успешна приказна. Пред почнување на проектот за реконструкција минатата година кражбите во Арачиново изнесуваа 80 %. Проектот е во завршна фаза и очекуваме загубите да бидат околу 10 %“, додаваат од ЕВН за „Макфакс“.

Од компанијата посочуваат дека успешни проекти се веќе спроведени или се спроведуваат во најголемиот дел од Липковскиот Регион, Арачиново, Грчец и други локации во општина Сарај, Визбегово, Сингелиќ, Равен, Гостивар, Прилеп, Битола.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button