ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Сообраќајката со затвореникот Кичеец и денеска ја бранува јавноста

34 годишен гостиварец го изгуби животот, а седуммина други се повредени во вчерашната сообраќајна несреќа во која учествуваше и осудениот Зоран Милески – Кичеец. Како што информира од МВР, Кичеец во моментот на несреќата возел автомобил мерцедес, придружуван од двајца српски државјани. Сообраќајката се случила на магистралниот пат Гостивар – Кичево помеѓу мерцедесот на Кичеец, автомобил БМВ, управувано од 23 годишно лице од тетовско и товарно возило, кое го возел 32 годишно лице од гостиварско. На лице место по сударот, починал сопатникот на товарното возило од Гостивар. Сопатниците на Кичеец се здобиле со тешки телесни повреди, како и возачот и сопатникот на товарното возило, констатираа во Ургентниот центар во Гостивар. Инаку, Кичеец, кој призна вина во случајот „Рекет“ издржува тригодишна казна затвор во Струга. Но, како што соопштија од затворската управа, осудениот Кичеец во моментот се наоѓа на 30 дневен прекин на издржување на казната од здравствени причини. Од таму тврдат дека ова решение е донесено врз основа на медицинска документација и важи до 8 септември. Затворот во Струга е од отворен тип, а од Управата велат дека Кичеец има право да излегува секој ден за работа, слободен викенд еднаш во месецот, како и право на годишен одмор.

За третманот кој го добива Кичеец, реагираа од ВМРО ДПМНЕ. Од партијата соопштуваат дека по сообраќајната несреќа, на лице место пристигнале вработени во Агенцијата за национална безбедност, за како што велат, има сведоштва дека се обидувале да прикријат информации за несреќата.

„Поголем доказ од ова дека во Македонија Зоран Заев е во брак со подземјето нема. Фактот што е на слобода Зоран Милевски Кичеец кој учествувал во сообраќајната несреќа, власта го правда со контрадикторни изјави. Еднаш велат дека тој е на слобода поради здравствени проблеми, после тврдат дека тоа е поради семејни причини. Очигледно дека власта на Заев се обидува нешто да забошоти и нешто да прикрие. Кој ќе сноси одговорност за ова, прашуваме?“, Миле Лефков – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Тригодишната затворска казна Кичеец ја заработи откако призна вина за примање награда за противзаконско влијание во случајот „Рекет“ каде што правосилно на повеќегодишни казни се осудени Бојан Јовановски попознат како Боки 13 и поранешната прва обвинителка во СЈО, Катица Јанева. Кичеец веќе има одлежано повеќе од половина од казната затвор, ако се земат во предвид времето на нејзино издржување од октомври минатата година, како ефективниот така и домашниот притвор.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button