Состојбата на повредените во трагедијата на 16 март и натаму е стабилна
Состојбата на повредените во трагедијата на 16 март и натаму е стабилна

10 пациенти повредени во пожарот во кочанската дискотека се пуштени на домашно лекување, додека еден пациент кој се наоѓа во Анкара, Турција е во критична состојба. Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека најголем број повредени лица се лекуваат во странство, од кои повеќето во Србија.
„115 пациенти се лекуваат во странство, сите во релативно добра состојба, освен еден пациент кој е малку покритичен и е во Турција. Останатите пациенти во Србија, Бугарија, Грција, Турција, Шпанија, Австрија, Унгарија, Хрватска, Словенија, Литванија, Белгија, Италија, Шведска и Полска, за сите добиваме добри вести дека се релативно стабилни и веќе размислуваме да изготвиме протоколи за враќање на овие пациенти кои треба да ги прифатиме овде доколку има потреба за болничко лекување за еден или повеќе денови“, рече Арбен Таравари, министер за здравство.
Директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев, рече дека на овој оддел во моментов се лекуваат 7 пациенти кои вдишале значително количество отровни гасови. Според него, пациентите немаат механички или термички повреди, туку главно имаат повреди од вдишување чад и гасови.
Според Министерството за здравство, од 30 пациенти во Србија, 8 се на вентилатори, додека еден е во тешка состојба, во Грција двајца пациенти се во посериозна состојба, во Австрија еден пациент е на интензивна нега, во Словенија тројца пациенти се во посериозна состојба и во Литванија тројца пациенти се на интензивна нега./Алсат.мк
Линда Ебиби