ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Состојбата со пожарите во земјава и натаму критична

Вкупно 38 пожари беснееле во земјава во изминатото деноноќие, 24 се целосно изгаснати, пет се ставени под контрола, а девет останале активни во текот на ноќта и денеска информираше првиот човек на центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов. Најкритично е на територијата на Македонски брод, во пожарот кој со денови е активен.

„Пожарот којшто повеќе од 20 дена гори на територијата на Македонски брод којшто е составен генерално од два крака, еден крак кон Јасен и еден кон селото Белица, се уште е активен иако пожарот кај Јасен е ставен под контрола. Во гаснењето учествуваат вработени пред се во ловиштето Јасен, додека од другата страна, од страната на Белице, во гаснењето учествуваат 20 припадници на македонската армија, локални пожарникари, како и вработени во Јасен. За жал, на некои места се уште гори борова шума.“, рече Ангелов.

Вториот по големина пожар е на територијата на општина Пехчево, кој иако вчера бил ставен под контрола, сега повторно е активен, но Ангелов вели дека надлежните ја следат состојбата. И понатаму е активен и пожарот на планината Галичица, каде гори и од охридската и од преспанската страна на планината и предизвикува силна вознемиреност помеѓу граѓаните особено поради густиот црн чад, кој според Ангелов е од горењето на смреките, кои ги има во поголем број. Зборувајќи за сериозноста на пожарите, директорот на ЦУК порача и дека борбата против оние што ги палат мора да биде жестока. Тој рече дека ќе бидат побарани законски измени за строго казнување на оние што предизвикуваат пожари од небрежност.

„Иако е небрежност, ќе бараме и дополнителни законски измени за строги казнувања на ваквите поведенија коишто загрозуваат секојдневно човечки животи, предизвикуваат огромна еколошка штета, но и огромна материјална штета, како и трошење на државните и локалните ресурси за справување со овие пожари“, додава Ангелов.

Од 17 јули па наваму, полицијата во осум наврати реагирала во врска со пиромани кои подметнувале пожари на отворено, а пред три дена обвинителството определи и осумдневен притвор за три лица кои предизвикале пожар на 9 август во скопското село Патишка Река.

Михаило Донев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button