ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Спасовски-Ламорџезе, потпишаа меморандум за сузбивање на трговија со дрога

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Рим се сретна со италијанската министерка за внатрешни работи на Италија, Лучана Ламорџезе, на која беше потпишан Меморандум за соработка во областа на сузбивање на трговија со дрога помеѓу Одделот за јавна безбедност при МВР на Италијанската Република и Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија.

Како што соопшти МВР, на средбата со италијанската делегација, Спасовски потенцираше дека токму ваквите средби се убава можност за продлабочување на меѓусебната соработка, која пак е од витално значење за зголемување на ефикасноста во борбата против глобалниот непријател – криминалот во сите негови форми.

“Во тој контекст, би сакал да истакнам дека соработката помеѓу нашите министерства е на високо професионално ниво, што подразбира брза, квалитетна и ефикасна размена на оперативни сознанија и е во постојан  континуитет, согласно духот на традиционалните пријателски односи меѓу нашите две земји. Токму заедничките активности поврзани со борбата против актуелните безбедносни предизвици и тенденции претставуваат напредок во реализирањето на меѓународната соработка, а зголемената размена на информации е најдобар доказ за нашата подготвеност да го направиме безбедносниот амбиент  поволен, а со тоа и да се убрза напредокот во европските интеграции,” рече Спасовски.

На средбата беше потпишан и Меморандумот за соработка во областа на сузбивање на трговија со дрога, од страна на директорот за Бирото за јавна безбедност при МВР, Сашо Тасевски и шефот на полиција и генерален директор за Јавна безбедност при италијанското МВР, Ламберто Џанини.

Ламорџезе, упати честитки до министерот Спасовски за добивањето можност на Северна Македонија да биде домаќин на јубилејната 50. Конференција на Европскиот регион на Интерпол во 2023 година, што претставува уште една потврда за реформите во полицијата и за успешната заедничка соработка, но и за стабилноста и безбедноста на земјата.

“Со денешново потпишување на Меморандумот заокружуваме еден важен сегмент од нашата досегашна соработка и  во делот на размената на информации и ова е многу важен ден за двете министерства со кој го потврдуваме нашето пријателство и партнерство. Ја имате нашата целосна поддршка во добри практики и обуки на полициските службеници во делот на владеењето на правото како и во делот на организираниот криминал и тероризмот,” истакна министерката Ламорџезе.

Ламорџезе во оваа прилика го прифати предлогот на министерот Спасовски во наредниов период да им се достави нацрт-текст за Протоколот за соработка за трговија со луѓе и питачење и уште еднаш потенцираше дека ја имаме целосната поддршка од нивните служби и од оперативен и од технички аспект веднаш да се започнат преговорите од двете страни и да се усогласи текстот кој би бил потпишан на следната заедничка средба во Скопје, укажувајќи уште еднаш на важноста на земјава и останатите балкански земји за стабилноста на европските земји и регионот. /MIA

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button