ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Спасовски: Полицијата, пример за европско постапување

Спасовски: Полицијата, пример за европско постапување

Тројцата бугарски државјани кои беа вчера приведени на преминот со Бугарија Деве Баир се казнети со по 300 евра и им е изречена тригодишна забрана за влез во Македонија.

“На 04.02.2023 околу 12.45 часот на Граничниот премин Деве Баир дошло до нарушување на јавниот ред и мир од страна на Г.А.З (35), А.А.Х(50) и  Р.П.Х(54), бугарски државјани, кои најпрво вербално, дрско и недолично со погрдни зборови се однесувале, а потоа се обиделе и физички да ги нападнат полициските службеници кои преземале службени дејства. Лицата биле приведени, а од судија во Основен суд Крива Паланка  им била изречена мерка Протерување на странец и Забрана за влез во Република Северна Македонија во траење од три години“, велат од МВР.

Министерот Оливер Спасовски вчерашното полициско работење го оцени како професионално.

„Како пред гробот на великанот Делчев кај црквата „Свети Спас“, така и на граничните премини, македонската полиција на висина на задачата успешно го спроведе овој настан од највисок безбедносен степен – еклатантен пример за тоа како постапува полиција од европски ранг“, напиша министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на својот профил на Фејсбук.

Настанот по повод роденденот на Гоце Делчев помина претежно мирно во Скопје со многу полициско засилување и групи граѓани кои беа принудени да чекаат со часови пред да им биде дозволен пристап до гробот на Делчев. Официјална делегација од Софија, предводена од министерот за внатрешни работи, пристигна во Скопје да оддаде почит. Други граѓани биле запрени од полицијата на граница, со образложение дека има проблеми со контролниот софтвер.

Министерството за надворешни работи на Бугарија овој чин го оцени како понижувачки.

„Министерството за надворешни работи го дефинира однесувањето на владата во Северна Македонија како понижувачко и неприфатливо кон бугарскиот народ и Република Бугарија. Дејствата на властите во Северна Македонија нанесоа сериозна штета на процесот на враќање на довербата, и покрај напорите на премиерот Галаб Донев, кој во сложена ситуација иницира процес на деескалација и вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој беше во посета на Скопје”, велат од МНР, БУГАРИЈА.

Од МНР реплицираа дека Бугарија не направила доволно да ги спречи радикалните поединци..

“… Со жалење, констатираме дека … радикални поединци, претставници на организации и политички партии во Бугарија продолжуваат да изразуваат територијални претензии кон Република Северна Македонија и континуирано го нарушуваат достоинството на македонските граѓани, македонскиот народ и нашата држава. И покрај искажаната волја, Република Бугарија не направи доволно напори да спречи пристапување на радикални поединци на граничниот премин Деве Баир, овозможувајќи на тој начин, дел нив да се однесуваат агресивно, да ги навредуваат и да применат насилство кон претставниците на гранична полиција“, велат од МНР.

Министерството за надворешни работи на земјата соопшти дека ќе го информира Европскиот парламент за навредливото однесување на бугарскиот европратеник Александар Јорданов на социјалните мрежи.

“Нема иднина за такви комунистички остатоци како вас, титоисти, црвени ѓубриња. Ќе висите пред портите на Европа многу долго. Ќе клечите пред нив додека не ви скапат тиквите за историската вистина дека сте срамни наследници на достојни македонски Бугари“, рече Александар Јорданов, Европратеник.

Синоќа со камења беше скршен прозорецот на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров“ во Благоевград, Бугарија. Но полицијата таму се уште не ги фатила сторителите./Алсат.мк

Фатлуме Дервиши

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button