Според Владата, интензивните контроли ќе продолжат и во наредните денови
Според Владата, интензивните контроли ќе продолжат и во наредните денови

За кривичното дело „Тешки дела по општа безбедност од член 292, за кое се товарат 27 осомничени во случајот со пожарот во дискотеката во Кочани каде животот го загубија 59 лица, а околу 200 други се повредени, во последните 10 години во скопскиот Кривичен суд, кој е најголем суд во државата, донесени се пресуди за вкупно 105 лица. Најавите од Обвинителството се дека обвинетите ќе бидат осудени на казна затвор до 20 години, но сепак досегашната пракса покажува дека всушност судиите биле меки при одлучувањето за степенот на санкцијата за ова дело. Но мора да се нагласи дека трагедијата во Кочани не може да се спореди со ниту еден друг случај.
Според податоците на Алсат, само 22 лица се осудени на затворска казна, од вкупно 105 пресуди, а само двајца од нив добиле казна затвор од 5 години, што е максималната казна изречена во овој период во скопскиот Кривичен суд за ова дело. Еден бил осуден на четири години затвор, додека други четворица на три години. Пет лица се осудени на две години затвор, а други осум на по една година. Меѓу нив е и едно лице кое во предмет од 2020 година било осудено на само 9 месеци затвор.
Иако во ниту еден од ставовите на членот 292 не се предвидува условна затворска казна, судиите во периодот 2015-2025 година за секој втор обвинет одобрил ваков вид санкција. Според податоците, вкупно 48 лица се осудени на условна казна од 1 до 5 години затвор.
Исто така, со членот 292 не е предвидено обвинетиот да биде казнет парично, меѓутоа, според податоците на Кривичниот суд, во овој временски период имало вкупно 17 вакви предмети. Во табеларните податоци не се објаснува колку бил износот на парите кои требале да ги исплатат осудените.
Податоците покажуваат дека за вкупно 5 лица судската постапка е прекината, за 3 лица обвинението е отфрлено, додека 3 други се ослободени. За 1 лице обвинителот побарал повлекување на обвинението, додека 3 лица се упатени на психијатриско лекување.
Дека судиите биле благи во изрекувањето на казната за кривичното дело за кое се товарат осомничените за трагедијата во Кочани, поточно „Тешки дела против безбедноста“ од член 292 од Кривичниот законик, се гледа и во случајот со опожарувањето на Модуларната болница во Тетово на 8 септември 2021 година, кога 14 пациенти трагично ги загубија животите додека се опоравуваа за Ковид19. Поранешниот директор Флорин Бесими и Артан Етеми по две години судење беа осудени на условна затворска казна од една и пол година. Подоцна, Апелациониот суд го врати предметот на повторно судење. На 18 март годинава повтроно се одржа судско рочиште на кое тие повторно ја негираа вината.
И покрај податоците кои покажуваат дека санкционата политика за сторителите на тешки кривични дела против безбедноста е блага, главниот обвинител Љупчо Коцевски најави дека осомничените за случајот со ноќниот клуб во Кочани би можеле да бидат осудени на 20 години затвор, нешто што не се случило во последнава деценија./Алсат.мк
Суад Бајрами