ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

СПЦ ја призна МПЦ за автокефална црква, во јуни тапија во Истанбул

СПЦ ја призна МПЦ за автокефална црква, во јуни тапија во Истанбул

Поглаварот на Српската православна црква соопшти дека Саборот на Српската црква ја одобрува и ја признава автокефалноста, односно целосната независност на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Веста тој ја соопшти на денешната заедничка литургија на СПЦ и МПЦ во Соборниот храм во Скопје.

Ова е можеби најзначаен настан за православната црква во земјава од укинувањето на Охридската архиепископија во далечната 1767 година.

Тогаш православните верници во земјава ја загубија својата независна црква и почнаа да паѓаат под црковна власт на соседите, Србија, Бугарија и Грција.

„Соборот на нашата црква го благословува и го одобрува, прифаќа и признава автокефалност“, изјави Порфириј, Поглавар на СПЦ.

Оваа одлука на српските црковни власти следува само 5 дена откако минатиот четврток двајцата поглавари одржаа заедничка литургија во Белград како помирување на двете цркви по повеќе од половина век раскол.

Имено, Српската и Македонската православна црква ги прекинаа официјалните односи во 1967 година кога МПЦ во времето на Југославија, самопрогласи целосна независност од Српската црква. Тоа се случи затоа што СПЦ од 1920 година последна управувала со православниот црковен живот на територијата на Вардарска Македонија кога нашата земја беше дел од Србија.

Но, веднаш по овој чин духовните власти во Белград ги прекинаа односите со МПЦ и побараа и сите други православни цркви во светот да го сторат истото. Тоа и се случи. Ваквата ситуација на целосна изолација на МПЦ траеше 55 години.

Архиепископот Стефан се заблагодари на членовите на Светиот архиерејски собор на СПЦ.

„Само вака подготвени можеме со радост да го чекаме и денот на Духот Свети оти љубовта кога се споделува, таа се преумножува. Нашето благодарствено писмо, веќе реков, на роденденот на нашата црква… на Духовден ќе сослужуваме во храмот на Вселенската патријаршија…“, изјави г.г. Стефан, поглавар на МПЦ.

Сега синодите на двете цркви ќе ги завршат правните документи, по што СПЦ ќе ги извести сите цркви во светот. Потоа ќе следи и официјално прогласување на МПЦ за автокефална црква од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј. Заедничката литургија со него владиката Стефан ќе ја служи на 12 јуни во седиштето на Вселенската патријаршија.

Вселенската патријаршија има посебна важност во православието затоа што е создадена веднаш по распаѓањето на Римското царство и со векови била главна црква на православните христијани во светот во Константинопол, денешен Истанбул.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button