ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Среде кризата растат само продажбата на руда и енергија

Континуираната криза предизвикува сериозни предизвици и во тешката индустрија. Зголемените цени на суровините, поскапиот транспорт и трката по нови пазари се проблемите со кои се соочуваат големите фабрики. Во време на криза, бизнисмените велат дека треба добра превентивна анализа за тоа дали е поисплатливо да се инвестира или да се чуваат парите во случај да дојдат потешки времиња.

„За челичните лимови кои ние ги произведуваме, можам да кажам дека пазарите во моментов се прилично активни, каде продажните цени од почетокот на годината, претпоставувам од претераната реакција од војната во Украина, драстично се зголемија. Многу инвеститори кои имаа големи планови за годинава се повлекоа и ги ставија на чекање сите нивни позиции за да може да видат како ќе се развива целокупната состојба“, изјави  Петар Јанески  Стопанственик

Во однос на индустриското производство и покрај тоа што информациите од терен велат дека поради кризата и намалените нарачки, фабриките помалку произведуваат, сепак податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во март годинава е забележан раст од 3,2 отсто. Информациите од извештајот покажуваат дека освен рударскиот сектор и производството на енергија кои остваруваат посериозен раст во производството, речиси сите други сектори имаат негатива. Намалено е производството на храна, пијалаци, помалку се произведува текстил и преработките од дрво бележат намалување, пад има и во изработката на металите.

Визарт Индустриско производство

Производство на храна               минус 5,8 %

Производство на пијалаци         минус 25%

Производство на текстил            минус 13,3%

Преработки од дрво                     минус 16,1%

Производство на метали              минус 10,9%

Државата на производствените капацитети на располагање им стави неколку антикризни мерки. Освен помош за плати, се укинаа и дел од царините и некои бирократски процедури. Најголемиот удар за големите бизниси е високиот скок на цената на енергенсите. Уделот на струјата во цената на готовиот производ од фабриките се движи од 20 до дури 60 отсто. Поради ова најголемиот дел од производите кои секојдневно ги купуваат граѓаните бележат енормно зголемување. Иако најавите од бизнис секторот се дека овие инфлаторни шокови ќе забават кон крајот на годинава, сепак економистите се повеќе од сигурни дека зголемените цени кои се актуелни во моментов никогаш нема да се вратат ниту на приближно ниво од пред кризата. /Алсат.мк

Иле Петрески

 

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button