МАКЕДОНИЈА

Средношколците се согласија на компромис – матура со два екстерни и два интерни испити

Сојузот на средношколци соопшти дека го прифати решението за државната матура за кое било разговарано на средбата со премиерот Зоран Заев, пратеничката Моника Зајкова и советникот на премиерот Ѓорѓи Тасев. Овој компромис, како што наведуваат, предвидува полагање на два екстерни и два интерни испити, односно третиот екстерен испит да се организира интерно.

Овој чекор повлекува промени и во начинот на добивање на поените за државната матура, па екстерните испити ќе носат најмногу 20 поени (наместо сегашните 30), интерните најмногу 16 (наместо сегашните 6)
и проектната задача ќе продолжи да носи најмногу 4 поени. Сојузот смета дека ваквиот начин на распределба на поените е поправеден и порамномерен за сите матуранти.

– Дополнително, искрено веруваме дека комромисот што го постигнавме ги задоволува нашите два клучни принципи: квалитетот на образованието и интересот на учениците. Во извештаите на ОЕЦД државната матура е посочена како една од посилните страни на нашиот образовен систем. Сојузот планира овој епитет да го задржи. Исто така, вреди да се напомене дека моделот на 2 екстерни и 2 интерни испити бил веќе применуван во нашата земја од учебната 2007/2008 до учебната 2012/2013 година. Решението го брани интересот на учениците бидејќи им овозможува на амбициозните матуранти да се запишат на странски универзитети, а пак присуството на поголем број на интерни испити го олеснува процесот на подготовка за испитот. Поправедната распределба на поените значи дека и доколку еден ученик се здобие со послаба оценка на еден испит, таа оценка нема да влијае значително на бројот на поени, стои во соопштението.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button