Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) најави дека ќе надгледува дали ќе има намалување на цените на производите што се опфатени во новогодишната кошничка.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, вели дека само пет дена по стапувањето во сила на новата мерка, односно уште на 20 декември, ќе се знае дали цените се намалени.
„Тоа што можеме да го гарантираме како Сојуз на синдикати на Македонија е дека врз основа на синдикалната минимална кошничка уште на 20 декември ќе знаеме дали цените во Македонија се намалени и дали работодавачите од приватниот сектор, трговците, добавувачите и производителите ќе имаат општествена одговорност и ќе им излезат во пресрет на граѓаните“, рече денеска Трендафилов одговарајќи на новинарски прашања пред седницата на Економско-социјалниот совет во Владата.