ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Стартуваше изборната кампања за советници во Тетово

Стартуваше изборната кампања за советници во Тетово

И официјално започна предизборната кампања за изборите на 20 август за Советот на општина Тетово. Ќе се натпреваруваат вкупно 13 кандидатски листи, 11 листи на политички партии и 2 независни. Кандидатите за советници први ги претставија Алијанса за Албанците, БЕСА и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

V

„АА на овие избори треба да покаже солиден резултат и да ја најави идната битка за промени и победа на демократијата и слободата на Албанците овде во Северна Македонија“, изјави Зијадин Села- претседател на АА.

„Со овој совет заедно ќе ги заокружиме сите ветувања што ги дадовме на кампањата 2021 година и сега, бидејќи дел од нив веќе се исполнети. Заедно со овие луѓе ќе покажеме дека тетовци се тие што знаат да направат разлика“, рече Билал Касами, претседател на Движењето БЕСА.

На плоштадот Илирија во Тетово листата на нивните кандидати ја промовираа и „Подобро за Тетово“.

„Кампањата се фокусира на нашите три главни столба, како што беше на првичните избори. Ќе бараме транспарентност и отчетност од општината, ќе бараме град со урбанистички план и чиста животна средина. Значи, ова се трите најважни проблеми што ги идентификувавме претходно и ќе продолжиме да ги туркаме напред“, нагласи Елмедина Абдулахи, Независна листа „Подобро за Тетово“.

Сите, ќе се натпреваруваат сами. Од Општинската изборна комисија велат дека само листата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија се натпреварува како предизборна коалиција. Политичките партии до 18 август ќе имаат можност да ја претстават својата понуда пред гласачите.

Завршени се и подготовките на Општинската изборна комисија. Шефот на ОИК за Тетово, Назми Даути, изјави дека седум дена, пред денот на гласањето, точно ќе се знае списокот на заболени од корона и нивниот протокол за гласање, како и бројот на затвореници кои ќе треба да гласаат.

„Сè уште немаме официјална информација за заразените со Ковид-19 и за гласањето на болни и лица со посебни потреби. Седум дена пред денот на изборите ќе треба да поднесат барање до Општинската изборна комисија, како и информацијата колку лица издржуваат казна во затворот во Тетово – ќе ја добиеме од Државната изборна комисија и сите заедно со болни и инвалиди ќе го остварат избирачкото право еден ден пред изборите“, изјави Назми Даути, ОИК.

Предвремените избори за советот на општина Тетово, беа распишани откако во законскиот рок не беше изгласана завршната сметка на општината, по што Советот беше распуштен. На 20 август Тетово ќе гласа на вкупно 117 избирачки места, додека бројот на гласачи се очекува да биде околу 83.000.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button