Стипендија од 3.500 денари за учениците кои ќе се запишат во дуални паралелки

Владата и Министерството за образование и наука го зголемија бројот на стипендии за дуално образование на 1.570, а зголемен е и бројот на компании кои покрај теоретската настава во училиштето, на средношколците запишани во дуалните паралелки ќе им овозможат и практична настава во 550 компании.
Како што денеска соопштија од владината прес-служба, ова значи дека учениците додека се школуваат, ќе стекнат и практична вештина, ќе се квалификуваат за пазарот на труд и ќе добијат можност за вработување веднаш по завршување на образованието.
– Обезбедени се 50 милиони денари, односно месечна стипендија од 3.500 денари за 9 месеци во годината, ќе добијат учениците кои ќе се запишат во дуални паралелки и ќе ги исполнат условите од конкурсот кој ќе биде објавен за доделување на стипендиите. Нашата заложба како Влада е да го реформираме и подобриме образовниот систем и да создадеме млади кои наместо да се иселуваат, ќе можат да ја градат својата иднина во Македонија. Се обврзавме на промени, тоа и го исполнуваме. Создаваме иднина и ја развиваме Македонија, се наведува во соопштението од прес-службата на Владата.