ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Стопанската комора со критики до власта

Воведување на посебни таблички на службените возила за да се спречи злоупотреба по работното време, укинување на управните одбори. Вака би се заштедиле огромни пари и би се насочиле кон зголемување на извозот, предлагаат од Стопанската комора. Нејзиниот претседател, Бранко Азески, реагираше и на големиот број државни органи.

„Ќе се укинат сите надоместоци, ќе се редуцираат сите државните органи и тела агенции, заводи и слично коишто во моментов се накотени на 1.320 и уште 129 илјади вработени во нив. Службените возила ви се наоѓаат сабота и недела по нивите во швалерај и по не знам каде недозволени активности и ќе заштедите и тие пари ќе ги дадете на извозот“, рече Азески.

Бизнисот упати низа критики кон владините политики и мерки кои директно се мешаат во самостојното управување во приватниот сектор. Наметнување на недела неработен ден, зголемување на минималецот, ограничување на маржите се дел од наметнувањето на политичкото влијание врз бизнисот, вели Азески.

„Може ако се склучи договор меѓу државата и приватниот сектор во коишто ќе се регулираат односите и тоа ќе биде на ниво на регулативата и нема да се меша во работите. Она што се случува на нас со мешање во работите го уништува бизнисот“, додава Азески.

Досега, според комората, направени се стотици анализи, проектни задачи за подобрување на бизнис-климата во земјава, но слух од државата нема. На месечното обраќање од страна на претставниците на Стопанската комора, заклучокот беше дека претпријатијата се единствениот фактор кој може да го поттикне економскиот раст на државата.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button