ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Струга, почнува судски процес за депонијата

Утре во Струга почнува судскиот процес за дивата градска депонија, која веќе една деценија ги труе стружани и го загадува градот и неговата околина. Македонското здружение на млади правници ќе се обиде да докаже дека локалните власти, односно општината и Јавното комунално претпријатие, како и Министерството за животна средина, ништо не направиле за да се реши овој голем еколошки проблем.

„Ние со поднесувањето на тужбата очекуваме дека судот сериозно ќе ги разгледа наводите кои се во тужбеното барање. Стручно лице направи и стручно вештачење кое потврдува дека струшката дива депонија со распаѓањето на органскиот и неорганскиот отпад го загадува земјиштето, а со самото тоа постои ризик од загадување на Охридското езеро, како и тоа дека околу самата депонија има ниви на кои се одгледуваат земјоделски производи“, изјави Александра Цветановска – Македонско здружение на млади правници.

Младите правници се надеваат дека на крајот на процесот некој ќе сноси одговорност.

„Очекуваме дека ќе има одговорност за надлежните институции кои не постапиле, а кои можеле да постапат согласно законите и можеле да спречат постоење на ваква дива депонија. Сметаме дека судот ќе забрани понатамошно депонирање на било каков отпад и ќе ги задолжи тужените да извршат рекултивирање на самиот простор“, додава Цветановска.

Инаку, според проценките на невладиниот сектор, годишно на депонијата се одлагаат околу 40 илјади тони смет. Прашавме во општина Струга со каков став ќе настапат на утрешниот старт на судењето, но одговор не добивме.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button