ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Студентски протест во Тетово поради професорката Бесиана Мехмеди

Студентски протест во Тетово поради професорката Бесиана Мехмеди

„Були-јана Мехмеди“, „’81-ва не е далеку“, „без студенти нема универзитет“… Ова беа само дел од паролите на студентите по музика на Универзитетот во Тетово кои денеска протестираа против, како што велат, заканите и уцените од професорката Бесиана Мехмеди и одлуката на деканот на Факултетот за уметности кој реагираше само со опомена за професорката.

Студентите протестот го започнаа од центарот на градот кон Универзитетот, каде наидоа на затворени врати за да не влезат во дворот.

Студентите порачаа дека нема да се предадат сè до оставка на професорката. Тие рекоа дека протестот е порака до сите студенти да не молчат за неправдите.

„Нека биде порака до сите студенти на овој универзитет дека секој професор кој навредува, уценува, се заканува треба да биде осуден и замолчен. Гледам дека на протестите имаме и граѓански организации кои дојдоа да ги поддржат студентите. УТ е огниште на знаењето, основано со крвта на народот и нема да дозволиме никој да ги гази трудот и жртвите“, изјави Арди Лена, студент.

Протестот беше поддржан и од Форумот за промени во образованието. Бленди Ходаи од овој форум порача дека универзитетите не треба да имаат професори кои ги фаќаат студентите за гуша.

„Со скандалозните постапки на Бесиана Мехмеди кои вчера ги слушнавме преку видеа објавени на Youtube, грубо се прекршени нормите на нејзиното професионално, етичко, педагошко однесување за да биде дел од академскиот процес и да држи предавања. Нема универзитет без студенти, студентите се клучниот збор на универзитетите, затоа отворете ги вратите и не наседнувајте на луѓе кои им се закануваат на студентите…“, нагласи Бленди Ходаи, студент.

Поддршка на протестот дадоа и поранешни студенти и музичари.

„И јас бев студент на Факултетот за уметности и исто така доживував навреди. Денес сум дипломиран етно-музиколог. Сакав да ја прашам професорката? Како дипломирав? Пред кого полагав? Пред вас или дојдоа од друг факултет за да полагам?“, рече Елита Зибери, музичар.

Од деканатот не го коментираа протестот и барањето за смена на професорката. Деканот вчера реши само писмено да ја опомени, а на студентите им даде можност да одат на предавања кај други професори. Но, оваа одлука поттикна револт кај студентите кои решија целосно да ги бојкотираат предавањата и да излезат на протест.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button