ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Субвенции за поставување на фотоволтаици за производство на електрична енергија

Електричната енергија од фотоволтаичните панели кои што ќе ги постават граѓаните на крововите од куќите и на зградите, ем ќе може да се користи за домашна употреба, ем ќе може да се продава на слободниот пазар на струја.

Вишокот струја, граѓаните ќе може да ја продадат на снабдувачот на електрична енергија со кого ќе потпишат договор. Потоа компанијата на домаќинството ќе им ја намали сметката во висина на вредноста на струјата која е пуштена во оптек. Постои и опција граѓаните да ја продаваат струјата за пари, но искуствата од странство велат дека најдобро е да се калкулираат сметките на месечно или годишно ниво, во зависност од струјата која домаќинството ја пушта на пазарот.

„Електичната енергија која ја произведува овој фотоволтаичен панел на домаќинството треба да биде земено во предвид при изготвување на сметката за електрична енергија од страна на снабдувачот. Односно, само во делот на набавката на електрична енергија“, рече Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Регулаторот вели дека во летните месеци домаќинствата можно е во оптек да пуштат повеќе струја на пазарот, отколку што ќе искористат од снабдувачот од кој добиваат електрична енергија. Инаку, инвестицијата се движи од 600 до 700 евра по киловат, што значи за да се инсталираат максималните четири киловати потребни се близу три илјади евра. А, пред два дена од владата објавија дека ќе покриваат дел од трошоците на граѓаните кои ќе постават панели на домовите.

„Надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 4 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на сопственост или користење, до 30%, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство за 2021 година“, наведоа од Владата.

За оваа мерка обезбедени се вкупно 8.000.000 денари за субвенции. Бислимовски смета дека со 1.200 до 1.500 часа работење на фотоволтаикот на годишно ниво за неколку години ќе се отплати инвестицијата. Во станбени згради регулаторот вели дека не е исплатливо поставување на фотоволтаици бидејќи становите се на посебни броила и инвестицијата би била многу поголема. Но, постои можност да се намести фотоволтаик на станбена зграда, но струјата да се користи за заедничките простории, како влезот, лифтовите, подрумот.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button