Судски Интерпелацијата е притисок да се повлечат
Судски Интерпелацијата е притисок да се повлечат

Интерпелацијата на членовите на судскиот совет избрани од Собранието е само механизам да се изврши притисок врз членовите сами да се повлечат, вели за Алсат Ивана Петковска од невладината Коалиција Сите за правично судење. Интерпелацијата нужно не значи разрешување на членовите, а Петковска смета дека тие самите нема да си поднесат оставки дури и ако таа помине во законодавниот дом.
“Aко биде донесен заклучок дека е изгласана интерпелацијата, тоа не значи дека веднаш се разрешени, односно тоа е еден вид на притисок за членовите на судскиот совет сами да си поднесат оставка. Така што, ние како граѓански сектор и коалицијата во неколку наврати имавме упатено апел членовите на судскиот совет да поднесат оставки, тоа не се случи до ден денес, така да искрено јас не очекувам тоа да се случи ниту по интерпелацијата доколку биде изгласана“, рече Ивана Петковска, програмски координатор во Коалиција Сите за правично судење.
Во меѓувреме во подготовка е ново законско решение за судскиот совет, а како една од измените која се шпекулира во јавноста е токму можноста Собранието директно да ги разрешува членовите на советот кои се избрани таму. Но, според Петковска ваквата можност би отворила простор за политички злоупотреби во иднина.
“Секое разрешување на членовите на судскиот совет од страна на Собранието би преставувало лош преседан што секоја една власт би можела да го злоупотребува тоа и можеби малтене да речам, дали тоа би значело дека на секои четири години би имале нови членови на судскиот совет? Така што тоа е лош преседан кој не би требало да се случи“, изјави Ивана Петковска, програмски координатор во Коалиција Сите за правично судење.
Од Коалицијата се на ставот дека за разрешување на членови на советот надлежноста треба да ја има токму самиот совет, слично како што во неколку наврати во јавноста потенцираше и првиот човек на судски Александар Камбовски. Дебатата околу разрешувањето на членовите на судски трае веќе подолг период меѓутоа истата се интензивираше откако пред два дена премиерот Мицкоски најави дека пратениците на владејачката партија ќе поднесат иницијатива во Собранието за интерпелација на членовите избрани од законодавниот дом.