ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Судскиот совет ќе анализира дали Алексоска-Стојаноска ги прекршила законите

Данка Ристова, Антоанета Димовска и Татјана Чачарова Илиевска се имињата на тричлената комисија при судскиот совет која ќе треба да изврши увид во предметот за Васил Јованов кој под дејство на алкохол и без возачка дозвола ја усмрти 22-годишната Фросина Кулакова. Претседателот на судски рече дека Комисијата ќе треба да постапува внимателно бидејќи апелација не се произнела по првостепената пресуда на судијката Даниела Алексоска Стојаноска, која на Јованов му го прекина притворот.

Комисијата треба првично да изврши увид во предметот, малку е чувствително времето затоа што бремето во овој момент се наоѓа пред Апелациониот суд во Скопје. Треба внимателно да постапува комисијата, да не створи притисок врз апелационите судови бидејќи тие нормално треба да одлучат по таа првостепена пресуда. Ако е добра ќе ја потврдат, ако сметаат дека не е во ред, дека постојат одредени повреди на постапката ќе ја укинат или можеби ќе ја преиначат, затоа треба комисијата внимателно да изврши увид и откако ќе заврши со увидот ќе направи свој извештај“, рече претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски.

Апелација со месеци се нема произнесено по жалбата на Обвинителството да не му се прекинува притворот на Јованов. Со своја реакција за овој случај се огласија и од Здружението на судии, од каде повикуваат на внимателност при носењето на ваквите одлуки – најпрво да се испита случајот, а потоа да се носи заклучок дали одреден судија направил прекршувања.

„Јавната осуда на судија не смее да биде иницирана и поткрепена од непотврдени шпекулации, односно без претходно да биде утврдена личната и професионална одговорност на судијата во конкретен случај. Повикуваме на внимателен и одговорен пристап од сите општествени гласноговорници во носењето на вакви одлуки, со цел да се зачува независноста на судската власт и да се избегнат непотребни политички или јавни притисоци врз носителите на правосудните функции“, велат од Здружението на судии.

Откако Јованов ја прегази Кулакова на булеварот Партизански одреди во Скопје во јавноста имаше бурни реакции дека судијката Алексоска-Стојаноска неосновано донела одлука за укинување на неговиот притвор во случајот со нелегална трговија со дрога, а и извршната власт го повика судскиот совет да иницира нејзино разрешување. По смртта на Кулакова правда и одговорност за овој случај бараа и граѓаните преку повеќето протестни маршови кои беа организирани во Скопје, Неготино и Кавадарци.

Михајло Донев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button