ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Супер вештачењето стигна, но судењето за Ласкарци повторно се одложи

Повеќе од 1 година се подготвуваше супервештачењето за несреќата кај Ласкарци со вкупно 50 до 60 страници, од кои повеќето се фотографии, но вештаците од Бирото за судски вештачења денеска не се појавија на суд. Поради нивно отсуство, откажана е денешната седница, прва откако случајот се суди од почеток. Вештаците, пак, на судот му ветија дека ќе учествуваат на седницата в четврток, бидејќи обвинителот и адвокатите бараат седумтемина инженери да дадат исказ пред судот. Но, членовите на семејството целосно ја изгубиле довербата. Благојче Трпевски, кој во оваа трагична несреќа го загуби синот, вели дека овој случај намерно се одолговлекува.

Трпевски додаде дека се има намера случајот да се заборави додека обвинетите, кои според него се убијци, да се спасат без ниту еден ден затвор.

За неколку дена навршуваат 4 години од трагичната несреќа, но иако за ова се одржани над 100 судски рочишта и приближно исто толку откажани, епилогот од овој случај се чини е далеку.

И покрај тоа што семејствата на жртвите постојано бараа забрзување на судскиот процес, откажувањата и одложувањата на судските седници беа од различни причини. Најпрвин, судот побара вештачење кое го составија надлежните факултети, но потоа судот одлучи дека е потребно супер вештачење, што ниту еден факултет не се согласи да го направи поради немање кадар. По повеќе од година, во декември 2022 година, супер вештачењето го изработи Бирото за судски вештачења.

Во оваа несреќа животот го загубија 16 лица а 37 беа повредени, обвинети се сопствениците на Дурмо турс, Дурмиш Белули, одговорниот за превоз во компанијата, Ремзи Мифтари, возачот на автобусот Маноил Трифуновски и уште 3 други вработени во станица за техничка контрола.

Ардит Рамадани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button