ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Светска банка: Македонија годинава со раст од 4,6%

Македонската економија ќе достигне раст годинава од 4,6 отсто, прогнозира Светска Банка, a наредните две години растот ќе биде под 4 проценти, односно догодина БДП ќе изнесува 3,7 отсто, а во 2023 година 3,4 отсто. Очекувањата на Светска банка се дека економијата полека ќе закрепнува, а тоа значи дека ќе се зголемува производството од домашните компании. Тоа ќе резултира со намалување на буџетскиот дефицит, со зголемување на извозот и намалување на вредноста на увезената стока од странство.

„Основното сценарио е изградено врз основа на претпоставките дека темпото на имунизација ќе продолжи и нема да има дополнителни затворања поради корона вирусот во 2021 година, но и на довербата на потрошувачите и инвеститорите која треба да остане висока“, наведуваат од Светска банка.

Во извештајот се наведува и дека оваа здравствено економска криза ќе придонесе за продлабочување на јавниот долг, кој според проценките до 2023 година ќе достигне 65 отсто од Бруто домашниот производ.

За посериозно да се поттикне економскиот раст, владата треба да го пренасочи вниманието кон структурни и институционални реформи. Од меѓународната финансиска институција на властите од земјава им посочуваат дека треба да најдат решенија за подобро функционирање на државните компании, продуцирање на човечки капирал, одговорни и независни институции, владеење на правото, поддршка на инвестициите во приватниот сектор и подобрување на конкурентноста.

Во извештајот на Светска Банка се опфатени земјите од Европа и Централна Азија. Што се однесува до регионот, пониска прогноза за економски раст има само Босна и Херцеговина и тоа четири отсто. Сите други држави подобро котираат од Македонија. Најдобри очекувања Светска банка има за Црна Гора каде се предвидуваа раст од 10,8 отсто, следува Албанија со 7,4 отсто, па Косово со 7,1 отсто, па Србија со шест отсто. Очекувањата пак на македонската влада за раст на БДП се пониски во однос на Светска банка и се проектирани на 4,1 отсто.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button