ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Тече истрагата за автобуската несреќа во Бугарија

Во тек е истрагата за несреќата во која загинаа 45 патници, а седум лица се повредени откако македонски автобус се запали на магистралниот пат „Струма“ на потегот Софија – Благоевград. Според првичните информации од истражните органи во Бугарија, во автобусот вкупно имало 52 лица, од кои 45 загинаа, а седуммина се хоспитализирани на Клиниката во Софија. Од загинатите, 12 се деца.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски синоќа на прес-конференција истакна дека истрагата за автобуската несреќа ја водат бугарските истражни органи, како и дека е испратен наш тим од МВР да помогне во истрагата.

-Ние испративме тим кој е предводен од помошник директорот на Бирото за јавна безбедност на одделот за униформирана полиција, началникот на одделот за Крим техника и претставници од сообраќајната полиција. Исто така, напоменавме дека претставници од Јавното обвинителство и Судска медицина се таму се со цел да можат да асистираат за која било потреба за истрагата. Во рамки на МВР е формиран посебен штаб што работи целодневно исто како што работи штабот во МНР и секако дека во нашиот штаб е вклучено и политичкото аташе на Република Бугарија во Република Северна Македонија, рече Спасовски.

Многу е важно, додаде тој, во овие моменти брзо да се разменуваат податоци и информации кои се во интерес на истрагата и тие податоци да бидат споделени со бугарското јавно обвинителство и со истражните органи. -Секако дека многу важно ќе биде за брзината на идентификацијата на починатите во Судската медицина асистенцијата што ќе ја дадат нашите институции, истакна Спасовски.
Во однос на можните причини за несреќата министерот за внатрешни работи потенцираше дека треба да се почека истражните органи кои ја вршат истрагата и кои извршија увид на лице место на настанот да дадат свој извештај.

Спасовски очекува брза и сеопфатна реакција на надлежните служби и верува дека во соработка со бугарските институции многу бргу ќе имаме одговор околу сите нејаснотии за автобуската несреќа и согласно тоа ќе има ефикасност во утврдувањето на одговорноста.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски соопшти дека е почната постапка за одземање на лиценцата за работа на „Беса транс“ бидејќи од добиените сознанија превозникот вршел меѓународен превоз без извод од лиценца за автобусот, а Владата го задолжила Државниот инспекторат за транспорт да изврши вонреден инспекциски надзор.

Опожареното возило не било пријавено од страна на превозникот согласно член 11 став 5 од Законот за превоз во патен сообраќај и поради тоа возилото го нема во електронската база на податоци на Министерството за транспорт и врски.

-Не можеме да знаеме во овој момент додека трае истрагата дали и колку пати ова возило ја напуштило државата и вршело ваков тип на превоз и транспорт, рече Бочварски на новинарско прашање за контролите на автобусот.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески во изјава за медиумите вчера пред болницата „Пирогов“ во Софија, каде се сместени седуммина од преживеаните патници, изјави дека до тој момент не може да се каже која е причината за незгодата. Според него, можни се два фактори, човечкиот фактор или, пак, техничката неисправност на возилото.

– За причините во овој момент не може да се каже. Сите прашања се отворени. Впрочем затоа се води и истрагата. Нашите колеги јавни обвинители од Република Бугарија со кои имаме одлична соработка ги фиксираат сите траги, прибираат податоци и во овој момент не може воопшто ништо да се каже која е причината за незгодата, истакна Јовески и додаде дека станува збор за пообемни вештачења.

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button