ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Тече постапката за одземање на лиценцата на „Беса Транс“

Igor Stefanovski

Државниот инспекторат за транспорт прво треба да ги обезбеди сите документи од Агенцијата за вработување за тоа колку вработени возачи имало во фирмата, како и од Министерството за транспорт – колку автобуси има „Беса Транс“. Се проверува и бројот на дозволи, лиценци и сертификати за транспортните услуги. Откако инспекторатот ќе ги собере овие документи ќе го изврши вонредниот инспекциски надзор, а тоа ќе биде до крајот на неделава. Директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини, вели дека досега нема никакви информации за автобусот, ниту кога е купен, ниту дали е во сопственост на „Беса Транс“. А, одговорноста за пропуштањето на автобусот не ја гледа во инспекторатот, бидејќи досега при сите инспекции автобусите имале извод од лиценца за меѓународен транспорт. Хусеини одговорноста ја префрла во Царинската управа.

 „И сега одговорност… Жално е што заминаа тие луѓе… Не е битно дали јас ќе имам морална или некоја друга одговорност. Одговорноста е на тој што го пуштил во моментот на надзорот, кога ја поминал границата бидејќи во законот пишува ако го нема тој извод од лиценца не смее да излезе од РМ.“

Вчера министерот Бочварски откри дека за автобусот на „Беса Транс“ немало таков извод.

Алсат праша во Царинската управа, како е можно да се направи превид и како е можно царинските власти да дозволувале автобусот да излегува надвор од границата на Македонија? Oдговорија дека се прават детални проверки.

Царинска управа

„Од рано утрово Секторот за професионална одговорност на Царинска управа е на ГП Деве Баир со цел детално да се изврши контрола на постапувањето на превозникот и царинските службеници, согласно надлежностите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај на денот на излез на предметниот автобус, како и постапувањето во претходниот период.“

Компанијата „Беса Транс“ му е позната на Државниот инспекторат за транспорт за претходни нерегуларности. Само годинава инспекторатот поднел четири кривични пријави против фирмата поради непочитување на мерките за заштита од Ковид – 19. Инспекторите утврдиле дека во автобуси на „Беса Транс“ имало повеќе патници отколку што треба, не се носеле заштитни маски, ниту пак имало средства за дезинфекција.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button