Тетовци на протест – три децении чекаат санација на патот

Три децении жителите од населбата кај касарната на Тетово, чекаат санација на патот, но освен ветувања, ништо не добиле. Тие протестираа во нивната населба, за да го изразат својот револт од ваквата негрижа на институциите.
„Од 90-тите само доаѓаат и мерат и ништо не прават. Ставаат браници, па ги вадат, не ги чистат остатоците, гледате и сами. Ѓубрето го фрлаат ваму, таму го растовараат, тротоарот е полн со ѓубре, немаме светла веќе пет месеци. Ноќе не можеме да влеземе во куќата поради темницата, калта и малтерот“…
„Овој проблем го имаме долго време. Упатувавме чести барања и поплаки, дури и интервјуа, но залудно тоа никој не го зема предвид. Јас често сум бил во општината, и за патот и за струјата, но ни рекоа дека ќе ја нема уште најмалку година ипол…“
„Како дете се сеќавам дека на тоа земјиште имавме парк. Сега го наполнија со ѓубре. Најголемиот проблем е што имаме стари луѓе, и кога ќе се разболат и ќе викнеме брза помош, не доаѓаат на овој пат затоа што велат дека е полн со дупки. Старите треба да ги земеме на рамена, да ги изнесеме на улица, за да ги земе брза помош“, реагираат жителите.
Од општина Тетово, велат дека за пробивање на овој булевар кај касарната на градот, потребна е експропријација на некои имоти.
„Општина Тетово презеде конкретни чекори кон реализација на овој патен правец, и истиот во 2023 година е предвидено во програмата да се реализира, но продолжува да биде истиот проблем со имотите за кои мора да има експропријација и да се платат од општината“, рече Мемет Јонузи од Општина Тетово.
Жителите велат дека вината за неотворањето на овој пат е само на еден жител, кој поради неправилна проценка на неговиот имот не се согласува да го ослободи местото за отворање на патот. Од општината велат дека овој проблем ќе се реши во текот на следната година.
Башким Сулејмани