ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Трае истрагата за инцидентот на скопскиот аеродром со претседателката на Косово

Трае истрагата за инцидентот на скопскиот аеродром со претседателката на Косово

Полицијата нема дополнителни информации за инцидентот регистриран пред неколку дена на скопскиот аеродром со претседателката на Косово, Вјоса Османи. Според верзијата на МВР, во моментот кога од неа било побарано да го остави мобилниот телефон на увид во скенерот, член на нејзиното обезбедување ја повлекол вработената во ТАВ за да и овозможи на Османи да помине без да биде скениран нејзиниот багаж. Подоцна багажот е вратен и поминат низ скенерот. Случајот го испитува Внатрешната контрола во МВР и Обвинителството за организиран криминал и корупција.

„По половина час, од обезбедувањето на претседателот на Собранието Гаши (полицаец) дојде со уште две лица (полициски службеници) и почна да им се заканува на вработените на ТАВ и да прашуваат кој и прави проблеми на претседателката. Истовремено, турнат е и полициски службеник кој работел на аеродромот“,  велат од Министерство за внатрешни работи.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, вели дека неговото лично обезбедување интервенирало во ситуација во која се нашла претседателката на Косово, Вјоса Османи, за да не дозволи некаков дипломатски инцидент. Според него, сите кои ја надминале надлежностите ќе одговорат.

„Јас не можам да ви кажам што се случи. Имаше официјален став за ова. Интервенирав само за да спречам дипломатски инцидент и мислам дека заврши онака како што треба. Ако имало пречекорување на надлежноста од кој и да е, сигурно мора да има одговорност. Инаку, владеењето на правото нема смисла. Моето обезбедување отиде да ја смири ситуацијата и ако некој од овој пристап има тенденција или сака да создаде инцидент, тоа им припаѓа на тие луѓе“, нагласи Африм Гаши, претседател на Собранието.

Нивната верзија за инцидентот ја даде и операторот кој управува со скопскиот аеродром. Тие демантираат дека нивен вработен се обидел да го земе мобилниот телефон од Османи.

„Побарано е телефонот да се стави во безбедносниот скенер. Според Националната програма за безбедност на цивилни летови, сите патници, нивниот багаж и лични работи за време на комерцијален лет мора да бидат предмет на безбедносни протоколи. Ако не ги почитуваме овие правила, пилотот има право да го одбие патникот. Виенската конвенција ги ослободува само гостите и владините службеници од безбедносни проверки, додека операторот во тој случај е официјално известен од Министерството за внатрешни работи кое ја презема нивната безбедност “, реагираа од ТАВ.

Кабинетот на Претседателката на Република Косово, Вјоса Османи го оцени како однесување спротивно на било која меѓународна практика, додавајќи дека ваквиот потег имал тенденција да ја испровоцира делегацијата на Република Косово и да предизвика инцидент. Според нивната верзија, службениците на скопскиот аеродром рекле дека летот доцни бидејќи словенечката страна не дала дозвола за слетување, но според нив, тоа било демантирано откако советниците на Османи контактирале со словенечките власти кои им рекле дека летот може да се реализира и авионот има дозвола за слетување во Љубљана. Министерството за надворешни работи на Косово реагираше со оценка дека кон претседателот на Косово од страна на властите на скопскиот аеродром е постапено на недостоинствен начин./Алсат.мк

Адриан Керими

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button