
Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе воведе царини за Европската Унија.
Рече дека ЕУ и другите земји имаат загрижувачки трговски суфицит со Соединетите Држави и оти сака да го врати трговскиот дефицит на САД со Европската Унија преку царини или дополнителен извоз на енергија.
„Европската Унија е многу, многу лоша за нас. Тие нè третираат многу, многу лошо. Значи, ќе бидат соочени со тарифи. Тоа е единствениот начин со кој ќе се постигне правичност“, изјави Трамп.
Неговата администрација размислува и за воведување царини од 10 отсто за увоз на стоки од кинеско производство. Оваа мерка би можела да стапи во сила од 1 февруари.
Во изјава за новинарите во Белата куќа, Трамп ја оправда мерката со тврдењето дека Кина испраќа фентанил во САД преку Мексико и Канада. Овие изјави, пак, уследија по неговите закани дека ќе воведе царини од 25 отсто на увозот од Мексико и Канада, зашто дозволувале влез на голем број луѓе во САД, како и извоз на фентанил.
На новинарско прашање дали има намера да воведе универзална царина за сите увозни производи во САД, Трамп рече дека сè уште не се подготвени за тоа, но можеби ќе бидат подготвени во иднина.
Американскиот претседател е на став дека воведувањето царини би можело да генерира огромни приходи за државата бидејќи, со цел обнова на индустријата на САД.
„Тарифите ќе нè направат проклето богати. Тоа ќе ги врати американските бизниси“, порача Трамп.