
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД „ќе го преземат“ Појасот Газа – веројатно со помош на американските војници – додека Палестинците кои живеат таму треба да си заминат на друго место. Оваа изјава на Трамп е зачудувачки предлог што драматично ќе го преориентира Блискиот Исток и ќе доведе до дополнително раселување на население од повеќе од еден милион, пишува Си-ен-ен.
Трамп, кој претходно им се закануваше на Гренланд и Панама и сугерираше дека Канада треба да стане 51-та држава, ја додаде Газа во својата експанзионистичка агенда, тврдејќи дека таа може да стане „ривиера на Блискиот Исток“ и одби да ја исклучи можноста за испраќање американски војници за да го оствари тоа, пренесува британски „Гардијан“.
„Единствената причина зошто Палестинците сакаат да се вратат во Газа е дека немаат алтернатива. Тоа е моментално место за уривање. Ова е само локација за уривање. Практично секоја зграда е урната“, рече Трамп на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во вторникот вечерта во Белата куќа.
Трамп, тврдејќи дека Палестинците би можеле да ги живеат своите животи во „мир и хармонија“ на друго место, додаде:
„САД ќе го преземат Појасот Газа и ние исто така ќе завршиме работа со него. Ние ќе го поседуваме и ќе бидеме одговорни за демонтирање на сите опасни неексплодирани бомби и друго оружје на локацијата“.
„Ако е потребно, ќе го направиме тоа, ќе го преземеме тој дел, ќе го развиеме, ќе создадеме илјадници и илјадници работни места и тоа ќе биде нешто со што целиот Блиски Исток може да биде многу горд“, додаде тој.