Трет ден амандманска расправа во Комисијата за финансирање и буџет
Трет ден амандманска расправа во Комисијата за финансирање и буџет
Трет ден амандманска расправа во Комисијата за финансирање и буџет за ребалансот на Буџетот за 2024 година. Согласно Деловникот, амандманската расправа треба да заврши за шест дена. За ребалансот на Буџетот беа поднесени 58 амандмани, но во текот на расправата дел од нив беа повлечени од предлагачите.
Комисијата досега не прифати ниту еден амандман.
Во текот на вчерашниот ден од расправата, Комисијата за финансирање и буџет не прифати шест амандмани поднесени од Европскиот фронт, кои се однесуваа на уредување на речни корита.
Од заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски беше образложено дека средства за таа намена се обезбедени од Европската инвестициска банка со одлука, потпишана од Артан Груби, донесена на 7 август 2023 година.
Од истата причина не беше прифатен и амандманот на Моника Зајкова од ЛДП, кој се однесуваше на уредување речно корито во Општина Зелениково.
Претходно, не беа прифатени неколку амандмани поднесени од СДСМ, меѓу кои и тој за награда на пожарникарите, полицајците и војниците за гасењето пожари, како и за зголемувањето на платите на пожарникарите.
Како што истакна заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во подготовка е нов закон за пожарникарите со кој ќе се уредат овие прашања, а покрај тоа во буџетот нема доволно средства и ребалансот се прави само за да се сервисираат обврските до крајот на годинава заради лошите предвидувања и недомаќинското трошење од претходната власт.
Одбиени беа и трите амандмани поднесени од Сали Мурати од Европскиот фронт.
Инаку, вкупните приходи во ребалансот на буџетот се планирани на 318,2 милијарди денари, а расходите на 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти.
При усвојувањето на ребалансот на буџетот од страна на Владата беа усвоени и неколку заклучоци на предлог на Министерството за финансии. Меѓу нив дека при склучување на колективните договори, буџетските корисници треба да ги имаат предвид одобрените буџетски средства и да не преземаат обврски за кои немаат обезбедено средства во буџетот за тековната година, а јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост ќе треба да побараат мислење од Министерството за финансии. На ова реагираа од синдикат на УПОЗ од каде прашаа дали е на повидок суспендирање на колективните договори.
Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ очекуваат ребалансот на Буџетот да биде донесен втората недела од август.