ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Трифун Костовски за АЛСАТ: „Ми замрзнаа 500.000 евра, не знам дека се води истрага против мене“

Бизнисменот Трифун Костовски разбрал дека му е замрзнат имотот кога извадил имотен лист за куќата каде живее. За Алсат тврди дека тој нема никакво известување дека личните сметки му се блокирани, како и уделите во хартии од вредност. Но, вели и дека нема информација ни оти обвинителството за организиран криминал води предистрага против него и уште три лица за пропаѓањето на Еуростандард банка.

„Ова што е замрзнато не поминува повеќе од 500, 600 илјади евра. Не поминува. Имам две стари возила кои се на мое име, стари по дваесет години. Тоа е мојот имот, тука. Ако мојата куќа ги надополни потребите на штедачите, еве им ја давам слободно, јас ќе одам во некој дом и готово. Сакам да кажам не се плашам од ништо во животот“, вели Костовски.

Костовски за Алсат посочува дека со замрзнувањето на она што спечалил во изминатите 30 години, сега останува речиси без пари.

„Јас мислам дека денеска ми се сопрени сите финансиски токови и мојот имот е замрзнат. Што знам дали и пензијата ќе ја добијам, ќе видиме, ќе проверам сега на први дали ќе добијам“, додава Костовски.

Костовски барал средба со државниот обвинител, но средба сè уште нема. Во затворањето на Еуростандард банка, тој гледа – и бизнис и политика.

„Имаме истражни органи, полиција, тие ќе стигнат до нив. Ако бидат толку слободни да ги изнесат на виделина кои се организаторите, бидејќи се многу блиски до власта“, вели Костовски.

Костовски посочува дека освен битка дома, доколку собере пари, за затворањето на Еуростандард банка ќе поведе и арбитрарна постапка пред судот во Париз за стопански криминал. Бизнисменот е согласен дека банката имала лоши пласмани на заеми и кредити, но оти не требало да се ликвидира. Требало, вели, да се даде шанса менаџментот да проба да ја спаси од стечај. Освен оштетените штедачи, штета имал и Костовски од околу 60 милиони евра. Инаку, Еуростандард банка остана без дозвола за работа во август.

Бојан Стојановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button