ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Цел регион се вакцинира, Македонија и натаму ги чека првите дози

Додека цел регион се вакцинира, само во Македонија се уште на големо се лаже за вакцините – рече денеска портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Стоилковски. Според партијата Заев и Филипче ветувале вакцини од Грција и од Бугарија, но и неколку месеци потоа, нема ништо од ветувањата.

„Ниту има точен датум кога ќе започне вакцинацијата, ниту колку вакцини се потребни, ниту колку ќе пристигнат, туку со месеци само се шпекулира и се шират лаги. Факт е дека немаат никако план за вакцинација, факт е дека Зоран Заев и Венко Филипче го девастираа здравството, ги оставија луѓето на цедило среде епидемија и за тоа мора да понесат одговорност“, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Откако Грција и Бугарија ги откажаа ветените вакцини со објаснување дека немаат доволно ни за себе, здравствените власти сега се надеваат дека преку Ковакс-механизмот до февруари ќе ги добие првите 800 илјади вакцини. Но прво треба да стигнат пет специјални фрижидери за нивно складирање.

Денеска Србија доби и милион дози на кинеската вакцина против ковид-19, „Синофарм“. Пратката ја пречека и претседателот Александар Вучиќ, кој најави дека за пример и тој ќе се вакцинира со неа. Ова е трет тип на вакцина по „Фајзер“ и „Спутник Ви“ што ја обезбеди Србија. Шефот на државата се пожали дека иако платиле, досега ништо не добиле преку Ковакс-механизмот.

„Ниту една не сме добиле, а кога ќе добиеме не знам. Плативме 4 милиони и 850 илјади долари, плативме и за развој на вакцината уште 2 милиони евра, ама среќа, бевме доволно паметни да работиме за Србија“, рече Александар Вучиќ, претседател на Србија.

Во Србија, очекуваат дополнителни 19, 500 дози следната недела од Фајзер и уште 250 илјади од „Спутник Ви“. Во Албанија пак, кадешто започна имунизација на здравствените работници, наредната недела ќе добие уште 10 илјади дози од истата вакцина од вкупно договорени 500 илјади вакцини.

АЛСАТ

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button