ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Цела Влада на работниците им ветуваше минималец од 18.000 денари

Минималец на 18 илјади денари е иницијатива на синдикатите којашто беше поттикната од владините ветувања уште пред четири месеци. Граѓаните, според ветувањата на владините претставници лани, во јануари годинава требаше веќе да имаат зголемен минималец на 18 илјади денари.

„Од јануари минималната плата ќе биде 18 илјади денари или триста евра, тоа е логична претпоставка имајќи во предвид дека растат платите во сите сектори, расте просечната плата во континуитет“, ветуваше тогашниот премиер Зоран Заев.

Колку точно треба да изнесува минималната плата ветување даде и вицепремиерот Фатмир Битиќи истиот месец претходната година.

„Само пред четири години зборувавме за минимална плата од 8 до 9 илјади денари, денеска зборуваме за минимална од 15.200 денари. До крај на годината минимална плата од 18 илјади денари…Така се сака нашиот народ!“, велеше Битиќи.

Но и покрај ваквата изјава лани, сега вицепремиерот Битиќи вели дека висината на платата да биде консензус меѓу Владата, синдикатот и работодавачите.

И министерот за економија во телевизиско гостување во декември лани потврди дека мнозинството во Владата е согласно минималецот да изнесува 18 илјади денари.

„Нашиот став како Влада како мнозинство, како Влада е дека ќе се зголеми минималната плата на 18 илјади денари наредната година“, велеше Крешник Бектеши- Министер за еконимија.

Минималната плата во земјава прв пат беше утврдена во 2012 година на ниво од 8.050 денари. Таа секоја година се коригираше минимално, а најголемо зголемување имаше во 2019 година кога од 12.500, порасна на 14.500 денари.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button