ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Црногорците и Србите загреани за Охрид за Први Мај и Велигден, но каде ќе пијат кафе?

Охрид и Струга на големо се нудат во соседна Србија и во Црна Гора за претстојните Првомајски и Велигденски празници кои се паѓаат ист викенд. И покрај лошата епидемиолошка слика во земјава и актуелните рестриктивни мерки, туристичките агенции полнат автобуси за доаѓање. Цените се движат од 55 евра до 90 евра за две ноќевања со појадок. Некои нудат и посета на Скопје и околината. Од некои туристички агенции во Црна Гора за Алсат велат дека е добро тоа што во Македонија може да се влезе без ПЦР тест, но проблем претставуваат затворените угостителски објекти.

„….Според информациите кои ние ги имаме, после 20 април ќе се промени ситуацијата во Охрид. Искрено се надевам, а тоа би било добро и за вас, вашата општина и Влада да дозволат мерките да се променат бидејќи ќе изгубите значителен број на туристи за Први мај и Велигден кои оваа година се поклопуваат“, вели Миљан Миљушковиќ, Управител на туристичка агенција од Црна Гора.

И локалните угостители во охридско велат дека има голем интерес за странски туристи за празниците, но голем проблем, велат е начинот на кој Владата во Скопје ги носи превентивните мерки.

„…Најголем проблем е што законите ги носат од денес за утре. Не оставаат простор луѓето да се средат, да се организираат. Од денес за утре затвораат, полициски час, од денес за утре можат да затворат за Велигден“, рече Ѓоко Наумоски, Угостител.

Угостителските објекти во земјава не работат, а во Охрид и Струга не работат ниту поголемите хотели. Од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести најавија средби за викендов и за следната недела на кои ќе се зборува за евентуално заострување, олабавување или за продолжување на актуелните рестрикции.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button