ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Туристички патувања среде пандемија, нема слободни места за Занзибар и Малдиви

Од туристичките агенции во земјава на големо ги нудат Занзибар и други егзотични дестинации како што се Малдиви, Кариби или Мексико. Некои од турите се толку полни, што слободните места се бројат на прсти. Цените се движат околу илјада евра по лице со вклучен превоз. Но, по најавите од Министерството за здравство дека Комисијата за заразни болести ќе предложи задолжителен домашен карантин од 14 дена за сите лица кои доаѓаат од Африка, се поставува прашањето како ќе се организираат некои од овие тури?

„Секој поднесува сопствена одговорност во конкретниот случај. Прво туристичката агенција треба да води сметка за тоа каде ги праќа туристите, а исто така и туристите пред да ги купат туристичките аранжмани, сите елементи од содржината на патувањето и условите треба да ги имаат во предвид“, рече Науме Мариноски-професор по туризам.

„Туристичките агенции мора да ја компензираат онаа загуба која ја претрпеа минатата година и сè уште тие загуби се во тек. Тие наоѓаат држави каде што мерките се малку полабави или воопшто не постојат, со цел тие да го одржат туристичкото стопанство“, рече Климент Наумов-туристички водич.

Алармот за ризикот во земјава да се внесе некоја од новите варијанти на коронавирусот се вклучи деновиве поради поагресивната мутација на коронавирусот од регионот на јужна Африка. Имено, брачен пар од Битола се врати од патување на островот Занзибар со потврден Ковид-19. Мажот е бизнисмен, додека неговата сопруга фармацевт во битолската болница. Тоа дополнително му даде тежина на целиот случај затоа што во ноември лани Владата донесе забрана за користење на годишни одмори, платени и неплатени отсуства за сите вработени во здравствениот сектор.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button