СВЕТ

Уапсени 18 новинари откако почнаа немирите во Иран

Уапсени 18 новинари откако почнаа немирите во Иран

Откако почнаа протестите поради смртта на младата Махса Амини, иранските власти уапсија 18 медиумски работници, соопшти денеска Одборот за заштита на новинарите. Неколкумина од нив се одведени од своите домови во текот на ноќта, „без судски налог за апсење“, наведува Одборот.

Уапсени се и борци за човекови права, меѓу кои и Хосеин Ронаги, кој се бори за слободата на изразување.

Како што пишуваат дел од медиумите, Ронаги ѝ побегна на полицијата кога таа дојде да го приведе додека тој даваше интервју за Иран Интернешнл, со седиште во Лондон. Меѓутоа, полицајците го приведоа во саботата заедно со неговите адвокати.

„Во контекст на големото насилство, иранските власти најпрво го ограничија пристапот до Ватсап и Инстаграм, а сега приведуваат новинари со јасна порака: не се допушта никакво ширење вести за протестите“, пишуваше во соопштението на Репортери без граници.

Оттаму побараа „новинарите веднаш да бидат пуштени на слобода, веднаш да се укинат сите ограничувања против правото на Иранците на информации“. Меѓу уапсените новинари е и Нилуфар Намеди, која ја посети болницата каде лежеше во кома Махса Амини и придонесе за ширењето на информацијата за судбината на младата девојка. Амини почина по три дена во кома.

Се верува дека меѓу приведените е и фоторепортерката Јалда Моајреи, која стана позната по нејзината фотографија од антивладините протести во ноември 2019 година. Според најновите податоци, во протестите има најмалку 41 жртва, а над 1.200 лица во Иран се уапсени од објавувањето на смртта на Амини на 16 септември.

Протестите започнаа откако девојката беше приведена од полицијата за морал, потоа претепана бидејќи, наводно, хиџабот не го носела правилно. Полицијата одби да ѝ покаже на јавноста снимен материјал од комбито каде девојката е претепана. Оттаму наведуваат дека таа починала од срцев удар, иако семејството нагласи оти Амини била здрава.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button