
12 лица загинаа, а четворица се повредени, од кои еден во критична состојба. Ова е билансот од масакрот во Цетиње, Црна Гора, кој се случи вчера попладне. Според црногорските власти, 45-годишниот Ацо Мартиновиќ убиствата ги извршил на пет различни локации, а меѓу жртвите има и две деца.
На првата и втората локација загинале четири лица, на третата локација двете деца, а на четвртата и петтата едно лице. Откако ги извршил убиствата, Мартиновиќ бил опколен од црногорските полициски сили во близина на неговиот дом каде се обидел да се самоубие. Тој од повредите починал на пат кон болница.
Инцидентот, според властите, се случил по тепачка во ресторан. Мартиновиќ во пијана состојба отишол дома, го зел пиштолот и, според полицијата, се вратил во ресторанот и почнал да пука.
Дежурната обвинителка во Вишото државно обвинителство во Подгорица Андријана Настиќ соопшти дека убиствата се извршени на шест локации. Како што објасни обвинителката, четири лица се убиени на првата локација во ресторанот и исто толку на втората локација. На третата локација се убиени две деца, додека на четвртата и петтата по едно лице. На шестата локација, сторителот извршил самоубиство.
„На секоја локација е спроведена истрага и примени се докази кои ќе бидат земени предвид. Авторот на убиствата се самоуби и ова е шеста локација каде се спроведуваат истраги. Дејствијата на Обвинителството и на полицијата продолжува со расветлување на околностите во кои се случил овој настан“, изјави Андријана Настиќ, обвинителка.
Претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ преку социјалната мрежа Х изјави дека е шокиран од настанот, изрази сочувство до семејствата на загинатите. Премиерот Милојко Спајиќ ги посети повредените лица во болница. Прогласена е тридневна жалост во земјата.
Во Цетиње, во 2022 година, исто така се случи масовно убиство, од вооружен напаѓач кој уби десет лица, меѓу кои и две деца. Сторителот беше убиен од случаен минувач.
Суад Бајрами