ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Угостители: Свадби и во затворениот дел од објектот

Угостителите се се погласни во барањето, свадби да можат да се организираат и во ресторани кои немаат летни тераси и се од затворен тип. Повеќе од половина категоризирани објекти немаат летна тераса и засега не можат да работат. Освен што обвинуваат за дискриминација, угостителите стравуваат дека доколку ја пропуштат и оваа летна сезона за свадби извршителите ќе им затропаат на врата бидејќи велат се затрупани со кредити.

„Од сите економски оператори од овој сектор во моментов работат само половина. Очекуваме со олабавување на мерките да може да добијат дозвола за работа сите економски оператори кои се категоризирани угостителски објекти од страна на Министерството за економија“, изјави Марија Синадиновска Арсовска Угостителска комора.

Угостителите пак од Западна Македонија кои со нетрпение ги очекуваат печалбарите од земјава да се вратат дома и да организираат свадбена или некоја друга семејна веселба велат дека со вакви правила, свадбите ќе мора да ги организираат во соседните земји Косово или Албанија каде е дозволено да има веселби и во затворениот дел од угостителските објекти.

„Се бориме за право на работа една и пол година, затоа мора да ни се обезбедат минимални услови и минимален протокол за да имаме право да започнеме со работа. Ние сме многу локали, а повеќето немаат тераси, нашето конкретно барање е што е можно побрзо да се изготви протокол за работа во затворени простории. Секогаш имаме состаноци, но не сме успеале, затоа секогаш сме биле игнорирани од институциите“, рече Фитим Таири- здружение на хотелиери „ХУРЕКА“.

Од ресорното Министерство за економија за овој проблем се прогласија за ненадлежни. За Алсат изјавија дека тие не ги носат протоколите за работа туку за тоа одлучува Владата на предлог на Комисијата за заразни болести. Од Илинденска број два пак ни соопштија дека

„Постојано се прават опсежни анализи поврзани со здравствената состојба. Доколку Комисијата за заразни болести, донесе предлог по прашањето и доколку истиот биде усвоен на Влада јавноста веднаш ќе биде известена“, велат од Влада.

Во телефонски разговор со еден од членовите на Комисијата за заразни болести ни беше соопштено дека засега е рано да се дозволи работа во затворените делови на рестораните. Причината велат е превентивна но доколку и натаму паѓаат бројките на новозаболени тогаш не се исклучува можноста за целосно олабавување на ковид протоколите.

Иле Петрески

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button