ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

УЈП и Пазарниот инспекторат ненадлежни за профитот на концесионерите

Државните институции си ја префрлуваат одговорноста – кој дозволил во Охрид дел од поранешните концесионери за плажи, со истечени договори да заработуваат огромни суми на пари. Од Управата за јавни приходи, без да одговорат конкретно зошто досега не е санкционирано ваквото работење и што покажале нивните контроли, велат дека тие вршеле контрола од аспект на исполнување на даночните обврски.

„Управата за јавни приходи во континуитет врши контроли кај наведените правни лица од аспект на исполнување на даночните обврски и таму каде што се утврдени неправилности истите се санкционирани и оданочени“, велат од УЈП.

И Државниот пазарен инспекторат се прогласува за ненадлежен.

„Добивањето концесии или постоењето т.н.,,дивоградби,, е во опфатот на работењето на Општината. Приходите кои се остваруваат ги контролираат инспекциските служби на УЈП, додека пак работата на ДПИ е да ги контролира правните субјекти согласно Законот за вршење угостителска дејност и по истиот се постапува“, наведуваат од ДПИ.

Градоначалникот на Охрид, Георгиевски вчера ги посочи токму овие две институции заедно со трудовата инспекција на прашањето зошто не е санкционирано ваквото незаконско работење.

„Ние како општина не можеме да го превенираме вршењето на дејност. Можеме да постапиме само по решенијата за отстранување што и го правиме. Другите инспекциски служби си работат по соодветни правилници, процедури и закони. Треба да се обратите таму, да ви кажат зошто не го санкционирале ова своевидно дивеење на т.н плажи“, рече Константин Ѓеорѓиевски-градоначалник на Охрид

Според градоначалникот дел од поранешните концесионери на крајбрежјето иако имале договори за плажи, работеле како ресторани и ноќни клубови и нелегално ги издавале под закуп. Истото тоа продолжиле да го прават и кога договорите за концесија веќе им биле истечени и не плаќале никакви надоместоци за наем и користење на земјиштето. Тој вчера рече дека со узурпација на плажите само една од фирмите оствариле нелегален приход од 3 милиони евра.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button