ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Украинските бегалци Македонија ги третира како туристи

Македонија бегалците од Украина, девет месеци од почетокот на војната сè уште ги третира само како обични туристи. Од Македонското здружение на млади правници велат дека околу 2.000 лица од Украина во моментов се засолнети кај нас и се соочуваат со сериозни тешкотии за остварување на нивните права. Додека земјите од ЕУ ја активирале т.н. Директива за привремена заштита, којашто ја има и во нашиот Закон за меѓународна заштита, институциите сè уште го немаат сторено тоа.

„И практично бегалците од Украина се оставени сами да се снаоѓаат со решенија во однос на нивниот статус. Според нашите информации скоро сите земји од ЕУ ја активираа оваа директива. Единствено Македонија, БиХ и Косово, ја немаат активирано овој вид на заштита. За жал ние сè уште ги третираме како туристи“, рече Зоран Дранговски-Македонско здружение на млади правници.

Тоа значи дека овие лица не можат да работат, не можат да користат наше здравствено осигурување, ниту да добиваат бесплатно образование. Имаат слободен престој од само три месеци кај нас, по што мора да излезат од границите. Инаку, од почетокот од конфликтот досега, во државава влегле над 21 илјада украински државјани, претежно со роднински, пријателски или бизнис-врски со македонски граѓани.

„…Најголем дел од луѓето влегуваат во Северна Македонија и ги оставаат семејствата. Луѓето кои се останати или се повозрасни од 70 години или помали од 16 години и жени…“, рече Оливер Спасовски-министер за внатрешни работи.

„За нив комплетно се грижи Црвениот крст во делот на помош и поддршка во делот на хуманитарните потреби за нив и здравствената грижа. Подготвени сме. Имаме средства обезбедени. Имаме луѓе обучени за тоа“, изјави Саит Саити-генерален секретар на Црвен крст.

Инаку, само мал број од бегалците од Украина се одлучиле кај нас да побараат политички азил.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button