ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

УПОЗ со реакција по наводите на Заев дека корупцијата е меѓу администрацијата, а не кај власта

Административците се гневни на изјавата на премиерот Зоран Заев дека тие се корумпирани. Не само што бараат лично и јавно извинување, туку од Заев очекуваат да излезе со конкретни податоци кои ќе потврдат дека административците земаат мито и не работат во интерес на граѓаните. Од синдикатот УПОЗ велат дека не знаат која е причината што во последно време се напаѓа администрацијата, прво како неработници, а сега велат како корумпирани.

„Можеби реакцијата на нашите членови ќе беше помека да кажам, доколку беше посочено дека во сите ешалони на власта има корупција. А, високата корупција е во високите раководители“, рече Пецо Грујовски претседател на УПОЗ.

Ниту еден судски службеник во последните неколку години не одговарал или не бил осуден по основ на корупција, велат синдикалците. И да има некој случај, тоа е со сигурно изолиран случај, велат од УПОЗ. Затоа, според нив, не е дозволиво премиер на една држава да го вперува прстот во административците, а да не гледа што се случува зад неговиот грб.

„Тие што конкретно работат со странки работат по налог на претпоставени, и одговараат пред него. Навистина сме изненадени и очекуваме објаснување“, рече Верица Тасева, член на УПОЗ.

А, премиерот Заев пред два дена категорично тврдеше дека корупција во Владата, односно кај министрите или пак кај директорите на јавните претпријатија или на државните фирми нема. Сепак во последниов период владата ја стресоа неколку афери поврзани со корупција и злоупотреба на функцијата.

Под лупа на обвинителите се веќе екс Генералниот секретар на владата Драги Рашковски, за сомнителна набавка на сообраќаен софтвер како и случајот на Лидија Димова која беше разрешена од позицијата директорка на Националната агенција за европски образовни програми поради наводна измама и штета од над 400 илјади евра европски пари, за што Јавното обвинителство против неа отвори истрага по поднесена кривична пријава од Финансиската полиција.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button