ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Утре се одржува конгрес на СДСМ, за Шеќеринска ќе нема партиска функција

Не верувам во функции, верувам во работа. Ова го изјави актуелната заменик претседателка на СДСМ, Радмила Шеќеринска, во пресрет на утрешниот Конгрес на партијата. Таа уште еднаш потврди дека нема да се кандидира за партиска функција, но рече дека останува во партијата.

„А, зошто би си заминувала од партијата? Не, не. Знаете како, сум видела многу луѓе кои веруваат во едни вредности и припаѓаат во една политичка партија само како функционери. Јас не сум еден од тие“, изјави Радмила Шеќеринска – заменик-претседателка на СДСМ.

Прашана дали би прифатила друга партиска функција и ако не добие, дали ќе остане во земјава или ќе замине во Вашингтон, таа одговори дека за неа е несериозно од едно место да се префрли на друго.

„Сето останато три години го слушам и никако да се случи. Би сакала малку повеќе да зборуваме за суштински, реални нешта, а помалку да губиме време на дезинформации, па и со малку кујнски сплетки“, изјави Радмила Шеќеринска – заменик-претседателка на СДСМ.

Министерот за здравство, Венко Филипче, пак, вели дека не разговарал со претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за евентуално негово поставување на местото на Шеќеринска.

„Верувам дека ќе го направи најдобриот тим исто како што беше и досега и дека ќе продолжи успешно да работи на полето на имплементирањето на сите успешни политики исто како и досега“, изјави Венко Филипче – Министер за здравство.

Претседателот на СДСМ, Заев, за шпекулациите за новото партиско раководство рече дека сè што излегува во јавноста најверојатно се дискусии кои се водат во рамките на органите и телата на партијата. Не зборуваше за можните кадровски решенија зашто немало оформени предлози.

„Ние влегуваме во нов конгрес со нови политики. Дефинитивно тоа ќе го препознаете преку новите кадри. Најмалку 30 насто се обновени кадрите во највисоките органи на партијата. Партијата е отворена за нови луѓе, за нови кадри да напредуваат во својата кариера, но по пат на дискусија на Извршниот одбор, на Централниот одбор и на крајот на конгресот ќе се донесат сите одлуки. А ова се моите другари зад мене и логично јас се радувам за секој нивен успех, иако сум од Струмица“, нагласи Зоран Заев – претседател на СДСМ.

Заев веќе беше реизбран за претседател на партијата на 21 март на првите непосредни внатрепартиски избори. Но, интересот сега е насочен кон функцијата заменик-претседател воспоставена во 2013 година која досега ја извршуваше единствено Шеќеринска.

Алсат

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button