ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Вархеји: Јунскиот самит е круцијален датум

„Фрустрирани сме што сè уште нема решение“, рече во Софија еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, пред средбата со бугарскиот премиер Кирил Петков. Според Вархеји, Унијата очекува договор меѓу двете земји до претстојниот Самит, закажан за 23 јуни.

„Се надевам дека од сите овие разговори во Софија и Скопје конечно ќе произлезе решение, за конечно евро-перспективата на Северна Македонија да биде, не само потврдена, туку и зајакната. Веќе сме јуни, а јунскиот Самит е круцијален датум, барем во нашиот календар и сакаме да видиме постигнат договор. Ова е круцијален момент“, рече Вархеји.

Петков пак, во вчерашното интервју за БТВ, нагласи дека на последната средба се разговарало за предлогот на Бугарија, според кој Софија ќе даде зелено светло за преговарачката рамка за земјава веднаш штом Скопје заврши со процесот на уставни измени за внес на Бугарите во Преамбулата. Сепак, Петков додаде дека засега нема согласност околу ваквиот предлог. Тој денеска пред Вархеји ги повтори трите клучни услова на Бугарија и побара за нив гаранции да даде Брисел.

„Прво, запазување на Рамковната позиција на бугарскиот Парламент, вклучување на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија, за да бидат заштитени нивните права и трето, да се исполнува Договорот за добрососедство. Просто и јасно. Работиме заедно да видиме дали е можно Европската унија да биде гарант за овие три услова“, рече Петков.

Бугарскиот премиер ги демантираше обвинувањата од шефицата на бугарската дипломатија Генчовска дека водел заткулисни преговори со европски чиновници за кревање на ветото за Македонија. Генчовска која е од партијата „Има таков народ“ денеска ја депонираше својата оставка од министерската позиција, откако нејзиниот претседател Слави Трифонов, ги повлече министрите и ја напушти владината коалиција.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button