ВЕСТИЗДРАВСТВО

Верските лидери ги повикаа граѓаните да се вакцинираат

Верските поглавари по средбата со министерот за здравство Беким Сали го повикаа населението да се вакцинира против корона вирусот, како единствен начин да се заштити здравјето од Ковид-19 и да се врати државата во нормала.

„Во сите џамии на петочната молитва апелиравме да се почитуваат мерките, но ја пренесовме и пораката дека верниците сериозно да ја сфатат вакцинацијата“, рече Шаќир Фетаху-поглавар на ИВЗ.

Министерот Сали рече дека апелот на поглаварите е многу важен.

„Чест ми е што во присуство на верските претставници на нашата земја на овие луѓе кои уживаат толку многу почит и љубов кај верниците, да ја упатат пораката дека единствената најдобра и докажана можност за да се биде заштитен од вирусот Ковид 19 е токму вакцинацијата“, рече Беким Сали- министер за здравство.

Според последните податоци на Институтот за јавно здравје, до крајот на јануари со две дози се вакцинирани околу 850.000 граѓани или 40,7 отсто од вкупното население. Тој процент е далеку од постигнување колективен имунитет. Досега од болеста починаа 8.470 лица, а над 80 отсто од нив не биле вакцинирани.

Со месеци интересот на граѓаните за вакцинирање не се зголемува, па процентот останува непроменет. Освен апели, државата во моментов не спроведува интензивни кампањи за поттикнување на граѓаните да се вакцинираат. Министерот за здравство вчера изјави дека не се предвидува вакцинацијата да биде задолжителна за ниту една категорија граѓани.

Вјолца Алити

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button