МАКЕДОНИЈА

Вештакот за Ласкарци близок до ДУИ

Уште едно рочиште е додаденo на листата од стотици откажани судски рочишта за кобната несреќа на автобусот на Дурмо турс во Ласкарци. Одложувањето настана поради отсуство на вештакот Зекирија Зекири кој го изготви супер вештачењето. Причина за неприсуството на судската седница е што на Зекири во последен момент му се влошила здравствената состојба. Но, оштетената страна и јавниот обвинител се сомневаат во смислено сценарио за да се одолговлекува оваа постапка.

По сомнежите во јавноста дали ова лице е или не е надлежно да работи во ова супер вештачење кое според оштетената страна ги амнестира сите обвинети и целата вина ја насочува кон возачот на автобусот Маноил Трифуновски, АЛСАТ дознава за блиските врски на Зекири со Демократската унија за интеграција. Тој има вршено повеќе функции во оваа политичка партија.

Зекири во 2018 година бил шеф на изборен штаб за референдумот, а во 2019 година бил назначен за шеф на кабинет на градоначланикот на Студеничани за претседателските избори, додека на „Фејсбук“ се фали дека е дел од ДУИ од нејзиното формирање. За АЛСАТ, пак, негира дека оваа политичка партија влијаела на неговата работа.

„Што се однесува до политичкиот аспект, нема никаква врска, ниту некој се јавил. Случајно се најдовме во таа комисија и јас прифатив, за да го откријам вистинскиот случај. Ви гарантирам дека никој не се јавил на телефон, ниту адвокатите, ниту сопственикот на Дурмо турс, а особено не директорот на Бирото за судски вештачења. Јас сум само надворешен соработник. Веќе две години имам лиценца од оваа област“, вели Зекирија Зекири, експерт.

Потсетуваме, реализацијата на оваа суперекспертиза однапред беше одбиена од сите факултети во земјава со образложение дека немаат доволно стручни лица. Но, иако лиценцата ја доби пред две години, Зекири беше амбициозен и ја прифати оваа задача од директорот на Бирото за судски вештачења на чело со Валдет Џафери. Последниот не одговара на нашите прашања дали партиската книшка на овој експерт првично влијаела на неговиот избор за оваа задача и дали тоа може да влијае при неговата работа во реализација на супервештачењето. Дури и семејствата на жртвите немаат доверба во неговата работа и во работата на неговите колеги.

На последните две рочишта, за неговите искази имаше реакции од оштетената страна и јавниот обвинител, со што се отвори сомнеж дека не е целосно информиран за содржината на супер – експертизата и дека можеби воопшто и не ја работел. За некои одговори, му помагаа колеги, а за тоа реагираше и невладината организација „Сите за правично судење“. Судењето за овој случај започна во септември 2019 година, во несреќата загинаа 16 лица, а 37 беа тешко повредени.

Ардит Рамадани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button