МАКЕДОНИЈА

(Видео) Бугарски автомобилист направи реконструкција на автобуската несреќа

Бугарскиот автомобилист Димитар Илиев, кој има и академија за безбедност во сообраќајот, за Бугарската национална телевизија (БНТ) направи реконструкција на вчерашната несреќа на автобусот на „Беса транс“, во која загинаа 45 луѓе, меѓу кои и 12 деца. Според неговата реконструкција, еден важен предупредувачки знак е паднат од мај, а други делови од сигнализацијата се амортизирани и во пракса не се гледаат, посебно ноќе.

„Имаме многу проблеми кои што не трпат воопшто одлагање, јас алармирам уште од 2019 година. Тоа се места на кои што редовно се случуваат тешки несреќи и многу често има загинати луѓе. Проблемот е што нема волја тие нешта да се поправат“, изјави Илиев во гостувањето на БНТ.

Автобусот на „Беса транс“ на автопатот „Струма“ близу Перник удрил во банкината која што го дели патот од местото за одмор, а потоа и во банкината од другата страна на патот. Автобусот целосно е изгорен, но засега не се знае кога избил пожарот.

Пребарувајќи по негови стари видеа од делницата, тој забележал дека во април имало предупредувачки знак за место за одмор по 500 метри. Потоа од снимките од Гугл стрит вју утврдил дека тој знак исчезнал меѓу април и мај. За да се увери лично дека го нема знакот, отишол да провери и неговите сомневања се потврдиле, знакот си лежи зад банкината и вели дека никој од мај месец досега не забележал дека го нема. Тој ги замолува истражителите да обрнат внимание на тој знак, затоа што и 18 часа по несреќата никој не зборува за тоа.

На самото место за одмор има знак за делење на патот за кој Илиев вели дека е несоодветен, а на него има залепено реклама за која вели дека ја намалува неговата видливост. За рефлектирачките светла на банкините вели дека се распаднати и одамна ја немаат својата функција.

„Нема знак, човекот не знае, гледа три ленти и преминува во најдесната лента. Потоа му излегува знак кој е поставен неправилно, а врз него има и лепенка која дополнително пречи“, вели Илиев.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button