ЗАБАВА

(ВИДЕО) Роботи што носат тежина 100 пати поголема од својата

Овој супер јак робот – кој е дело на машинските инжинери од Универзитетот Стенфорд во Калифорнија, е претставен на Интернационалната конференција за роботика и автоматика во Сиетл, Вашингтон.

Тајната лежи во адхезивите (лепилата) на нозете од роботот. Инспирација за дизајнот е гуштерот (геко), чии вештини за качување се ненадминати во животинското царство. Адхезивите ги прекриваат малите гумени шилци, кои цврсто се фаќаат за ѕидот кога роботот се качува. Под влијание на притисок, шилците се свиткуваат, со што им се зголемува површината, а со тоа и лепливоста. Кога роботот ќе ја повлече ногата наназад, шилците повторно се исправаат и лесно се одлепуваат.

Роботите се движат на начин кој е исто така позајмен од биологијата. Како и кај гасениците, едниот дел се собира и го турка роботот напред, додека другиот останува на место за да го држи товарот. Тоа му помага на роботот да не падне ако го загуби чекорот, и да застане без дополнително користење на драгоцената сила.

Сето ова на роботите им дава сериозна моќ. На пример, еден робот од 9 грама, качувајќи се може да подигне повеќе од еден килограм. Во ова видео, тој го носи „StickyBot“ , првиот геко-робот направен од лабораторијата на Стенфорд во 2006 година. Друг робот, кој тежи само 20 милиграми, може да носи товар од 500 милиграми, колку што изнесува мала спојувалка за хартија. Инженерот Елиот Хокс го работел роботот под микроскоп и користел пинцета за да ги состави деловите.

Најимпресивен показател на силата е роботот со прекар „μTug“. Иако тежи само 12 грама, може да влече товар кој е 2 000 пати потежок. „Тоа е исто како да влечете кит“- вели Дејвид Кристенсен од истата лабораторија.

Тимот смета дека во иднина, вакви машини ќе можат да се користат за влечење на тешки товари во фабриките и на градилиштата. Исто така, би можеле да се користат и во итни случаи, на пример, да однесат скали од коноп на лице заробено на некој висок кат во зграда зафатена од пожар. Но за вакви задачи, инженерите можеби ќе треба да ги постават адхезивите на поголеми, оттаму и помоќни роботи.

Извор: енаука

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button