ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Викендов средба за продолжување на анти-ковид мерките и по 20 април

Сè уште не е познато дали мерките против Ковид ќе продолжат и по 20 април. Дали ќе има мало олеснување или целосно повлекување на мерките ќе се одлучи врз основа на епидемиолошката слика во наредните денови. За тоа ќе се дискутира викендов и на почетокот на следната недела.

Процесот на вакцинација денеска продолжи, но со побавно темпо. До денеска вакцинирани се околу 32 илјади граѓани. Во арената А1 заврши вакцинацијата на загрозените категории, па сега е во тек вакцинацијата на граѓани на возраст од 73 и 74 години.

„Вакцинацијата значи поголема безбедност. Инаку се чувствувам добро. Се пријавив преку матичниот лекар пред 20 дена, вчера бев известен и денеска си ја завршив работата“, рече еден граѓанин.

„Се пријавив пред два месеца. Вчера ме повикаа за денеска. Не почувствував ништо после вакцинацијата. Нема од што да се плашиме, познато е како делува овој вирус и колку луѓе однесе. Сега ќе одам кај внучињата. Досега се плашев да ги посетам. Сега се чувствувам побезбедно“, додава еден граѓанин.

Министерот Филипче најави дека 10 илјади вакцини Фајзер ќе пристигнат на 19 и 26 април, а до крајот на месецот уште 200 илјади кинески. Во однос на вакцината Спутник што Србија веќе почна да ја произведува, Филипче наведе дека Македонија не планира да нарачува дополнителни дози од таму затоа што веќе имало резервирани 2 милиони и 600 илјади вакцини преку различни механизми. Инаку, актуелно околу 160 илјади граѓани чекаат ред да бидат вакцинирани.

Вјолца Алити

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button