ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Визбегово сè уште без ветеното училиште, 500 деца мора да одат во Шутка

Во отсуство на училишна зграда во Визбегово овој човек со својот велосипед минува секој ден по неколку километри до Шутка за да ги однесе внуките на училиште.

„Секој ден доаѓам и ги носам со велосипед. Од каде доаѓате? Од Визбегово. Колку време ги носите? Веќе 15 години, секој ден. Дали треба да има училиште во Визбегово? Да, како не. Почнаа едно, ама сè уште ништо. Само ги урнаа темелите на една блиска фарма за крави“, вели еден од жителите.

Некои родители велат дека ја загубиле и работата како резултат на секојдневните обврски да ги носат и земаат своите деца на училиште.

„Излегувам од работа и го земам детето. Неколку пати ги загубивме работните места поради тоа“, рече еден родител.

Учениците имаат една желба, да имаат училиште.

Прашање: Дали се заморувате од одење секој ден дома-училиште? Дали училиштето ви е далеку?

„Се изморувавме секој ден. Училиштето е далеку, а на патот има кал. Сакам да имаме училиште тука“, вели Берна, Ученик во второ одделение.

Околу 500 основци од скопско Визбегово настава посетуваат во основното училиште „26 јули“ во Шутко Оризари. Директорот вели дека тоа го отежнува наставниот процес, но учениците не можат да ги остават на улица.

„Тие немаат друг избор, тие се деца од оваа населба, најблиското училиште е нашето. Точно е дека ни се отежнува процесот, но сè додека немаат друг избор, ние мора да ги прифаќаме“, изјави Дритон Ганиу, директор на О.У. „26 јули“, Шутка.

За да се реши проблемот, жители на Визбегово дури понудиле свои плацови.

„Дадовме земјиште за училиштето. Имав објект таму, го урнав за да го ослободам местото. Мислев дека ќе се изгради училиште, но досега нема ништо“, вели жител на селото.

Земјиштето е доделено за изградба на ново училиште за учениците од Визбегово. Иако Владата минатата недела ја усвои одлуката за експропријација на земјиштето што го дадоа некои жители, од ова место не е поместен ниеден камен кој би ни дал индиции дека Владата сериозно се занимава со изградба на новото училиште, со што ќе се реши проблемот на учениците од Визбегово кои пешачат со километри за да присуствуваат на настава во Шутка.

Ветувања за училиште во Визбегово се даваа со години, главно од владејачките партии. Ова ветување сè уште стои во програмата на Владата на СДСМ, како и во локалната програма на Општина Бутел.

„Ќе изградиме и реконструираме. Изградба на нова училишна зграда во населбата Визбегово, Бутел“, пишува во „Можеме 2020“, поглавје Образование 2020-2024.

Градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски, вели дека се доцнело поради спор меѓу општината и жителите околу користењето на земјиштето. Претходно беа поставени канализациона и водоводна мрежа, а во договор со жителите проширен е патот што води до местото предвидено за основното училиште. Неодамна, Министерството за транспорт и врски ја заврши потребната документација од постапката за експропријација до одлуката со која се отвора патот за новото училиште.

„Во врска со спроведувањето на проектот верувам дека Општина Бутел и Министерството за образование и наука, како што постапивме ние по ова прашање, верувам дека и тие ќе постапат исто ефикасно“, рече Беким Реџепи, заменик министер за транспорт и врски.

Првиот човек на Бутел, Смилевски вели дека тендерот ќе се отвори во април, а работите ќе започнат во јули.

И од Министерството за образование и наука исто така велат дека го утврдиле проектот врз кој треба да се гради новата училишна зграда во скопската населба Визбегово.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button